ВИДЕО I Ѓоковиќ по епска борба загуби од Синер во Торино

Јаник Синер ја оствари најголемата победа во кариерата откако во три сета го совлада Новак Ѓоковиќ на завршниот турнир во Торино.

Во првото коло Ѓоковиќ по голема борба го победи Руне, но овојпат во сличен меч загуби од Синер за кого ова беше најголема победа досега.

Италијанскиот тенисер имаше подобар старт на мечот и го доби првиот сет со 7-5, со еден освоен брејк.

Во вториот сет двајцата тенисери беа перфектни на свој сервис, па тај-брејкот одлучуваше, во него Ѓоковиќ беше подобар со 7-5 и изедначи на 1-1.

Синер зема брејк во третиот решавачки сет и поведе со 4-2, но Новак веднаш направи ри-брејк и ги врати работите на почеток. И во овој сет се играше тај-брејк, а во него многу поуспешен беше Италијанецот, го доби со 7-2 и славеше со 2-1 во сетови.

– Мечот кој го имавме на Вимблдон исто така беше тесен, играше и тогаш добро како сега, можеби не сервираше толку добро. Сепак, главната разлика беше во тоа што беше похрабар во важните поени. Не бев доволно агресивен и одлучен во најважните поени, му давав простор да ја контролира играта. Му го кажав тоа и на мрежата, м му кажав дека одигра храбро и најдобро кога беше најпотребно. Апсолутно ја заслужи победата и му честитам.

– На вакви мечеви ви се укажуваат малку прилики. Ако не ги искористите, ривалот ќе ги искористи. Поголем дел од ваквите мечеви во кариерата ги имам добиено, мора некогаш и да се загуби. Не мислам дека направив многу лоши работи, едноставно морам да му симнам капа, одигра многу храбро кога беше потребно, – изјави Србинот кој сега ќе мора да обезбеди победа над Хуркач за да се пласира во полуфиналето.

Во последното коло од групната фаза Ѓоковиќ игра против Хуркач кој влезе на местото од Циципас кој се откажа, Синер ќе се сретне со Руне.

Денеска на програмата се двата меча од другата група, Алкараз – Рубљов и Медведев – Зверев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.