(ВИДЕО) И полковникот Хименес му откажа лојалност на Мадуро

Полковникот на венецуелската армија, Рубен Алберто Пас Хименес изјави дека ja признава власта на самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо, признат од околу 40 земји, пренесе Франс прес.

Во видеозапис, објавен вчера на социјалните мрежи, полковникот, во активна служба во копнените сили, повика да се овозможи влез на хуманитарната помош во Венецуела, како што побара Гуаидо. Претседателот Николас Мадуро одби да ја прими помошта во земјата, сметајќи ја за најава на странска интервенција, која би го лишила од власт.

Полковникот Пас Хименез, облечен во униформа, изјави дека 90 отсто од армијата, чија цел е да го задржи на власт претседателот Николас Мадуро, е незадоволна од неговата политика. Тој го повика министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез „да размисли” и истакна дека „историјата ќе пресуди”.

Пред една недела генералот Франсиско Јанес, од воздухопловните сили, исто така изјави дека веќе не ја признава власта на Мадуро и го призна Гуаидо за легитимен шеф на државата. Подоцна, неговиот пример го следеше и пензиониран армиски генерал. Од друга страна врховното командантство на вооружените сили, сепак, изрази неколку пати целосна лојалност кон Мадуро, потсетува АФП.

На 21 јануари, два дена пред Гуаидо да се прогласи за претседател, 27 војници на Националната гарда, кои се побунија беа уапсени.