ВИДЕО I Украина тврди дека во експлозија на Крим биле уништени руски ракети, Русија ќе истражува што се случило

Снимка од експлозија на Крим која се случила ноќеска се прошири на социјалните мрежи. Украинската страна вели дека се работи за соборување на две руски ракети од типот „Калибр НК“, кои ги користат руските бродови од Црноморската флота за гаѓање цели внатре во Украина, пишува Гардијан. Од друга страна Рускиот истражен комитет, вели дека Украинците нападнале со дрон и дека „целта на сите соборени беспилотни летала беше цивилна инфраструктура“. 

Видеото го сподели советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко. Тој вели дека според говорот од видеото се работи за железничката станица во градот Џанкој на полуостровот. Експлозијата се случила на околу 140 километри од линијата  на фронтот.

Украинските власти на Телеграм го коментираа случајот:

„Процесот на демилитаризација на Русија и подготовката на украинскиот полуостров Крим за деокупација продолжи со мистериозен „тресок “.

Според руската страна пак, се работи за дрон, оштетени се само едно или две домаќинства, а едно лице е повредено.

– Сè уште се обидуваме да ги утврдиме сите последици – изјави Сергеј Аксјонов, рускиот гувернер на Крим.

Неговиот советник Олег Крјучков изјави дека беспилотните летала, освен со експлозив, биле полни и со шрапнели.

Нападот се случи само неколку дена по посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Мариупол.

Лани во октомври украинските сили во разорна експлозија го разнесоа мостот кој го поврзува Крим со остатокот од Украина. Ова беше едно од поголемите понижувања за рускиот претседател Владимир Путин од почетокот на војната.