ВИДЕО I Украинците со беспилотни глисери нападнаа руски брод

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека украинските сили во раните зори денеска се обиделе со беспилотни глисери да нападнат еден од бродовите на руската Црноморска флота, извидувачкиот брод „Иван Курс“ кој обезбедува два гасоводи.

„Сите три непријателски бродови беа уништени со оган од стандардното оружје на рускиот брод на околу 140 километри североисточно од Босфорот. Бродот „Иван Курс“ на Црноморската флота продолжува да ги извршува своите задачи“, се вели во соопштението.

Антон Герашченко, советник во украинското Министерство за внатрешни работи, вели дека можеби еден брод стигнал до целта и го оштетил рускиот воен брод.

„Русите повеќе нема да се чувствуваат безбедни во Црното Море“, напиша тој.

Нападот во Црното Море доаѓа непосредно по нападот со дронови врз пограничниот руски град Белгород за кој Кремљ најави дека ќе одговори соодветно. Изјавите пак на лидерот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, дека Русите немаат капацитет да се бранат кај Белгород и дека Украинците пак можат да го опколат Бахмут ги кренаа шпекулациите дека украинската контраофанзива веќе е во тек.

Во меѓувреме, Русија ја зајакнува поморската одбрана во Азија и во Тихиот Океан. Агенцијата Тасс објави дека најновата подморница на руската морнарица со балистички ракети на нуклеарен погон во август ќе се пресели во постојана база на полуостровот Камчатка. Подморницата „Генералисимус Суворов“, која беше пуштена во употреба кон крајот на 2022 година, носи до 16 руски ракети „Булава“ со нуклеарни глави.

Руското засилено присуство во Пацификот се поклопува со стравувањата за нов конфликт меѓу Кина и Тајван. Премиерот на Јапонија, Фумио Кишида потврди дека постои план Алијансата да отвори канцеларија за врски во Јапонија, пренесоа британските медиуми. Но, тој рече дека Јапонија не планира да стане членка на НАТО.

Изјавата на Кишида доаѓа откако јапонскиот амбасадор во Вашингтон претходно овој месец изјави дека воениот пакт предводен од САД планира да отвори канцеларија во Токио, прва од ваков вид во Азија, за да ги олесни консултациите во регионот.

И НАТО и Западот ја зајакнуваат поморската одбрана. Американскиот нуклеарен носач на авиони „Џералд Форд“, придружуван од норвешките вооружени сили, денеска се закотви кај главниот град на Норвешка, Осло, каде ќе остане до вторник. Носачот на авиони треба да учествува во вежби со норвешката армија.

Норвешката јавна телевизија го пренесе пристигнувањето на бродот, што е во прва посета на странство. Се користи од 2013 година, а е опишан како најголемиот носач на авиони во светот.

Големи поморски планови има и Полска. Полскиот министер за одбрана Мариус Блашчак објави дека неговата влада планира да започне програма за купување подморница подоцна оваа година.

– Почнуваме со имплементација на програмата „Орка“. Годинава планираме да започнеме процедура за купување подморници и трансфер на потребните технологии – потврди Блашчак за време на конференцијата Defense24 DAY во Варшава, пренесува Teletrader.

Полска претходно вети дека ќе ги удвои своите воени трошоци на 4 отсто од нејзиниот БДП како одговор на руско-украинскиот конфликт.

Фото: Твитер/принтскрин

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.