ВИДЕО| Илјадници на протести против ковид-потврдите во Шведска и Германија

Илјадници лица протестираа во саботата во шведски и германски градови против прописите поврзани за пандемијата на коронавирусот, особено против воведувањето на ковид-потврдите и идеите за задолжително вакцинирање против Covid-19.

Околу 9.000 луѓе, според процените на шведските медиуми, минале во поворка низ улиците на престолнината Стокхолм скандирајќи „Не за ковид-потврдите, да за слободата“, на повик на групата којашто се нарече Движење за слобода. Во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска, на протестот се собрале околу 1.500 лица, според медиумите кои наведуваат и дека некои од демонстрантите носеле ознаки на екстремистички групации, како на пример неонацистичката NMR и имале покриени лица за да не можат да бидат идентификувани.

„Мора да можеме самите да решаваме што сакаме да правиме со сопственото тело“, изјавила во Стокхолм за AFP 30-годишната Јулија Јихансон, една од демонстрантите. Таа оценува дека ковид-потврдите дискриминираат многу луѓе.

„Можеме да зборуваме дека (вакцинирањето) не е обврска, но тоа е токму тоа доколку ги губиме правата во општеството поради него“, изјавила 35-годишната Аида Беговиќ која се спротиставува на системот кој ги тера луѓето да се „подвргнат на медицинските процедури кои не ги сакаат“.

Шведска, којашто последнава семица има по околу 40.000 новозаразени дневно, на 1-ви декември воведе ковид-потврди, а од 12-ти декември тие се задолжителни за настаните во затворени простори на кои се собираат повеќе од 50 луѓе. Повеќе од 83 отсто Швеѓани повозрасни од 12 години се целосно вакцинирани со две дози.

Шведска за разлика од многу други земји не се „затвораше“ во досегашниот тек од пандемијата, туку повеќе инсистираше на препораките како одржување физичка дистанца, работа од дома и користење на маските. Со околу 15.600 починати на популацијата од 10,3 милиони, Шведска се наоѓа во европскиот просек, а бројката е малку повисока отколку во соседните Норвешка, Финска и Данска.

Неколку илјади лица во саботата во Германија протестираа против епидемиолошките мерки и задолжителното вакцнирање, додека помали групи организираа контрапротести.

Повеќе од 1.000 лица мирно протестирале во западниот град Штутгарт, процени тамошната полиција. Полицијата во меѓувреме им порача на учесниците на протестот да стават заштитини маски за лицето.

Во Штутгарт демонстрантите се појавија пред зградата на јавната телевизија Südwestrundfunk (SWR) за да го критикуваат медиумското следење на пандемијата. Скандираа „Lügenpresse“ (Лажливи медиуми) и „Wir sind das Volk“ (Ние сме народот).

На протестот во Офенбах, исто така на западот на земјата, се собрале околу 1.200 луѓе, според полицијата која извести дека немало инциденти. Истовремено се собрале и околу 300 лица на контрапротест.

Во северниот град Шверин, полицијата проценува дека на протестот се собале околу 1.100 луѓе. Полицајците интервенирале кога еден од демонстрантите навредил 30 учесници на контрапротестот.