ВИДЕО: Како Димовски држи лекција по демократија

Јанева одбиваше да одговара, а кога одговараше беше дрска и полна со гнев и навреди кон пратениците кои ја извршуваа својата должност, поставувајќи и прашања во врска со извештајот од нејзиното работење.Таа дури и ги обвини за мобинг сите кои и’ поставуваа прашања на кои нема одговор: меѓу кои и пратениците и членовите на советот на јавни обвинители.

Овој срамен однос на еден извршител на јавна функција како Јанева кој има законска обврска да одговара пред пратениците, беше очигледна инспирација за Димовски кој на самиот почеток на седницата за пратенички прашања, или како што ја нарече „седница за мобинг на пратениците врз Владата“, го адресираше токму ваквото однесување на специјалната обвинителка Јанева.

Еве го интегрално говорот на Илија Димовски:

„Досега беше пракса во секој последен четврток во месецот да се одржува седница за пратенички прашања на која сите народни избраници имаат прилика јавно да ги прашуваат сите членови на Владата било какви прашања во врска со тековното работење на извршната власт.
Тоа е должност и обврска на секој пратеник кој има мандат од граѓаните на оваа земја, да поставува прашања од јавен интерес, а должност и обврска на секој носител на јавна функција е да ги одговори прашањата пред граѓаните во чиј интерес и за чија сметка работи.
Но, тоа беше досега. Од денес, благодарение на новие сознанија кои ги добивме во текот на минатата недела, оваа седница која ние, и сите членови на парламентот во изминатите 25 години ја нарекувавме седница за пратенички прашања од денес ќе ја викаме седница за мобинг на парламентот врз владата, бидејќи дознавме дека јавните седници на кои вршителите на јавни функции имаат должност да одговараат пред јавноста во чиј интерес работат, се вика мобинг.
Од денеска веројатно би се сметало за нормално доколку премиерот, министрите, замениците министри наместо да реферираат за својата работа и да одговараат на прашањата кои ќе им ги поставуваме да соопштат дека немаат намера да одговараат колку и да ги прашуваме и да не обвинуваат сите нас за мобинг кон нив после што би било сосема легитимно, во светло на овој демократски новитет на светско ниво демонстративно да ја напуштат седницата и седнат во некој од околните ресторани.
Ова сознание, ова револуционерно откритие за кое требаше да поминат 25 години парламентарна демократија во Македонија во кои стотици и стотици пратеници низ овој Парламент донеле илјадници правни акти, конечно ни го обелодени еден специјален човек со специјална мисија – да не научи дека сме биле во заблуда и дека всушност не мора да одговарате на ниту едно прашање.
Министерот за финансии, на пример, нема потреба да го објаснува буџетот туку може да каже дека колку и да го прашуваме нема да даде никаков одговор, а ако инсистираме на одговори да не обвини за мобинг.
Претседателот на Собранието може да ја одложи седницата и да ја презакаже после еден месец бидеќи има приватни обврски, а ако се побуни некој од нас пратениците слободно може да не обвини за мобинг и да ја презакаже за дополнително уште еден месец.
За мобинг може да се сметаат и многу прашања на испитите за возачка дозвола, или на испитите на факултет, но почитувани во оваа држава не е само мобинг циркузот кој што го прави една специјална институција. Тоа не е мобинг. Тоа е циркуз. Циркуз од кој сите сме дел. И за да ги сфатиме новите правила на игра, барам еден час пауза и апелирам никој да не ме праша ништо бидејќи ќе го обвинам за мобинг, а ако ме прашувате сепак, демонстративно ќе ја напуштам седницата. Благодарам.“