(ВИДЕО) Ким најави историска посета на Сеул, го затвора полигонот за тестирање проектили

Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун наскоро ќе пристигне во историска посета на јужнокорејската престолнина Сеул и се согласил да го затвори полигонот за тестирање проектили пред меѓународните инспектори, пренесуваат светските агенции истакнувајќи дека во моментов во севернокорејската престолнина Пјонгјанг се одржува еден од извонредно ретките самити на двете Кореи.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун јае-ин, кој од вторникот престојува во Пјонгјанг, и севернокорејскиот Ким Џонг-ун постигнаа договор според кој Корејскиот полоустров би требало да го претвори во „земја на мирот без нуклеарно оружје и нуклеарни закани“.

Северна Кореја се согласи во средата да преземе дополнителни чекори кон денуклеаризација на Корејскиот полуостров во желбата повторно да ги покрене преговорите со САД, меѓутоа, постигнат е само ограничен напредок кон отстранувањето на севернокорејскиот нуклеарен арсенал, оценува AFP.

Ким изјавил дека во „блиска иднина“ ќе го посети Сеул, додавајќи дека договорот што го потпишал со Мун претставува „одраз на новите надежи на луѓето и нивната силна горлива желба за повторно обединување“. Тоа би било првата посета на севернокорејски лидер на Сеул од завршетокот на Корејската војна од 1950 до 1953 година која технички не е завршена, бидејќи е потпишано е само примирје и прекин на огнот, а не и дефинитивен мировен договор.

Разговорите во Пјонгјанг се продолжување на постапното приближување на двете земји, а двајцата челници договориле редовни посети на раздвоените семејства, поврзување на железничките и патните правци, па дури и заедничка кандидатурата за Олимписките игри во 2032 година.

Мун за новинарите изјавил дека Ким во посета на Сеул би можел да дојде уште до крајот на годинава, и оти сигурно тоа ќе претставува „пресвртница во односите меѓу Северот и Југот“. Северна Кореја, се истакнува во информацијата, се согласила „трајно да го затвори“ полигонот за тестирање на проектили и лансирни рампи во Тонгчанг-ри „во присуство на експертите од релевантни земји“.

На историскиот самит со американскиот претседател Доналд Трамп во јуни во Сингапур, Ким Џонг-ун вети денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Меѓутоа, деталите не беа договорени, а Вашингтон и Пјонгјанг се спорат околу тоа што денуклеаризацијата значи и како да се постигне. Северна Кореја, како чекор на добра волја, ја демонтираше инфраструктурата на полигонот за нуклеарни тестирања, но САД бараат изнесување на целиот севернокорејски нуклеарен арсенал надвор од земјата.

Трамп ја поздрави изјавата на двајцата челници, и на Twitter објави дека Ким се „согласил на нуклеарни инспекции, коишто ќе бидат предмет на завршните преговори“. „Многу возбудливо“, напиша американскиот претседател.

Меѓутоа, експертите и аналитичарите се многу скептични бидејќи Северна Кореја, чијашто програма за балистички проектили е забранета со резолуции на Советот за безбедност при ОН, изврши неколку проби со проектили со долг дострел на локацијата Сохае, но и од многу други локации, вклучителни и воздухопловната база крај меѓународниот аеродром во Пјонгјанг.

Кон крајот на август, Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) објави дека Северна Кореја ги продолжува своите нуклеарни активности без оглед на спротивните намери кои во пролетва најави претседател Ким Џонг-ун.

Иако сателитиските снимки покажале дека во Сохае се работи на демонтирање на постаментот за проектили, стручњакот Випин Наранг, професор по политички науки на MIT не е импресиониран. „Ким игра брилијантно: потврдите дека сум го демонтирал полигонот кој и онака повеќе не ми е потребен, додека масовно произведувам проектили кои ги развив во оваа постројка“, коментира Наранг.

Стручњакот за контрола на вооружувањето, Џефри Луис, објаснува дека општиот заклучок е дека постројките за збогатување ураниум во Јонгбјон се „краткорочно изградени за да бидат жртвувани“. По првата средба меѓу Ким и Мун во Демилитаризираната зона, кој беше одбележан со многу симболика, и по самитот во Сингапур, нема напредок, заклучуваат западните аналитичари. Вашингтон го притиска Северот на „конечна, проверлива и потврдена денуклеаризација“, додека Пјонгјанг сака официјална објава дека Корејската војна е завршена, осудувајќи ги притоа „гангстерските“ барања еднострано да се откаже од својот воен арсенал кој го доживува како одбрана од американска агресија.

„Што се однесува до денуклеаризацијата, договорот меѓу Мун и Ким не ги исполни очекувањата… Доколу Северна Кореја, на пример, вети да ги предаде информациите за својот арсенал, тоа би било охрабрувачки“, оценува професорот по политички науки на Корејскиот универзитет, Ју Хо-јеол.

Сепак, двете Кореи продолжуваат со политиката на приближување. И додека во интерес на Ким е да осигури екононска соработка со значително побогнатиот Југ, Мун настојува да го намали ризикот од судирот меѓу Северна Кореја и САД кој би ја разорил и неговата земја.

Официјалното гласило на севернокорејската Комунистичка партија, весникот Rodong Sinmun издвои голем простор за средбата на двајцата челници со десетици фотографии на Ким и Мун кој заедно парадираат по улиците на Пјонгјанг и наздравуваат на банкетот.

Во средата Мун ќе вечера во новиот рибен рсторан во Пјонгјанг спроти Манс Хилс, каде што стојат гигантските скулптури на претходниците на Ким, неговиот дедо Ким Ил-сунг и неговиот татко Ким Џонг-ил. Тоа место е избрано бидејќи Мун сакал да вечера во локален ресторан со обични граѓани. Меѓутоа, дуќанот кој таму продава кавијар во пакување од 50 грама по цена од 50 американски долари не може да смета на обичните граѓани, бидејќи станува збор за астрономска цена за нив. Мун потоа ќе присуствува на ткн „масовни игри“, традиционален спектакуларен пропаганден слет во кој ќе учествуваат 17.490 деца.