(ВИДЕО) Ким ослабел, почнаа шпекулациите за неговото здравје

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун поттикна шпекулации за неговата здравствена состојба, откако на неодамна објавените фотографии се гледа дека ослабел.

На фотографиите Ким изгледа забележително послабо, според оценката на јужнокорејската новинска агенција Јонхап, пренесува Гардијан.

Порталот НК Њуз од Сеул, кој ги анализирал фотографиите на кои Ким се обраќа на состанокот на Политбирото на владејачката Работничка партија, кон крајот на минатата недела, наведува дека претседателот на Северна Кореа изгледа значително изгубил на тежина.

Тоа било прво јавно појавување на Ким Џон Ун во изминатиот месец.

На зголемените фотографии се сугерира дека Ким, за кого се верува дека има 37 години, дополнително го затегнал ременот од омилениот часовник, кој наводно чини 12.000 долари.

Фотографиите покажуваат дека неговиот лев зглоб е доста потенок отколку на слични фотографии снимени во ноември 2020 година и во март годинава. Ким е страстен пушач, имал проблеми со здравјето, а набљудувачите тоа го припишуваат на неговата тежина и стилот на живот.

Јужнокорејската национална разузнавачка служба соопштила лани дека се верува дека Ким е тежок 140 килограми и дека во просек добивал 6 до 7 килограми годишно откако е на власт од крајот на 2011 година, пренесува НК Њуз.

Од извештајот е нејасно дали променетиот изглед на Ким е резултат на болест или свесна одлука да ослаби.