Видео: Кога се разбудив слушнав врисоци, видов луѓе со крвави глави и раце

Кога се разбудив слушнав врискање. Видов луѓе со крвави глави и раце, а слушнав дека има и загинати, сведочи едно момче кое што патуваше со автобусот кој се преврте во близина на Лесковац синоќа.

Во сообраќајната несреќа загинаа тројца македонски државјани, а 32 лица се повредени.

На местото на несреќата загинаа еден маж и две жени, а помеѓу повредените патници има и бебе од година и пол, како и едно дете од девет години, меѓутоа тие се полесно повредени.

Четворица патници кои се потешко повредени се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш, каде што се следи нивната состојба.

Не знам кој повика итна помош и полиција, но брзо стигнаа неколку автомобили од итната медицинска помош и лекарите влегоа во автобусот. Веднаш ни пружија помош. Потоа стигнаа и пожарникарите и сите заедно не извлекоа од автобусот, додава момчето, кое е повредено на десната рака.

Патниците во автобусот кој патувал од Битола за Виена не знаат како дошло до несреќата, бидејќи поголемиот дел од нив спиеле во тие моменти.

Според надлежните од Клиничкиот центар во Ниш, потешко повредените патници во моментов не се во животна опасност, но лекарите ја следат нивната состојба и се воздржуваат од прогнози.

https://www.youtube.com/watch?v=XlaeGG2XfJs