ВИДЕО| Ла Лига: Барса убедлива кај Елче

Со убедливата победа од 4:0 на гостувањето кај Елче во саботата вечерта во рамките од 27-то коло на шпанското првенство, фудбалерите на Барселона се зацврстија на водечката позиција на табелата и моментално на 15 бодови ја зголемија предноста пред второпласираниот Реал Мадрид.

Каталонците тргнаа од почетокот да обезбедат предност и по неколкуте убави напади но без завршница во 20 минута Роберт Левандовски во неговиот стил ја провлече топката меѓу неколкуте домашни играчи во одбраната и голманот Бадија.

Во вториот дека Барса тргна по втор погодок за да исклучи какво и да е изненадување од последниот тим на табелата. Во 56 минута Ансу Фати го удвои водството, а десет минути подоцна Левандовски го постигна својот втор гол на мечот, додека во 70 минута за конечните 4:0 стрелец беше Феран Торес кој учествуваше во речиси сите акции од кои беа постигнати погодоците.

Барселона дојде до 71 бод оддалечувајќи се од Реал Мадрид кој има 56 а во недела го пречекува Вајадолид. Елче е убедливо последен 20-ти со само две победи и 13 бодови, 14 бодови помалку од зоната на опстанок.

Важна победа во саботата оствари Севилја која славеше со 2:0 на гостувањето кај Кадиз. Аргентинецот Лукас Кампос во 51 минута ја доведе во водство гостинската екипа, а конечниот резултат го постави во 74 минута Мароканецот Јусеф ан Несри.

Со оваа победа Севилја дојде до 31 бод и на 13-то место минувајќи го Хетафе кој во саботата освои бод играјќи 0:0 на гостувањето кај Атлетик во Билбао. Кадиз со 28 бодови е на 16-то место, само два бода над зоната за испаѓање, а Атлетик е седми со 37 бодови, четири помалку од најблиското место кое води во европските купови следната сезона.

Во првиот саботен натпревар во каталонската пресметка Жирона на домашен терен го совлада Еспањол со 2:1. Арно Мартинез ги доведе домашните во водство во 53 минута, а данскиот репрезентативец Мартин Брајтвајт израмни за гостите во 74 мибута. Деветтата победа сезонава на Жирона ѝ ја донесе Уругваецот Кристијан Стуани во 88 минута од пенал.

Жирона моментално е на 10-то место со 34 бодови, а Еспањол остана 17-ти со 27 бодови, само бод над зоната која води во Сегунда.

Во недела на распоред се мечевите: Селта Виго – Алмерија, Реал Мадрид – Вајадолид, Вилјареал – Реал Сосиедад и Атлетико Мадрид – Реал Бетис, додека колото во понеделникот го затвора дуелот Валенсија – Рајо Валјекано.