(ВИДЕО) Маестралниот Дончиќ обезбеди „мајсторка“ за Далас, Мајами прв финалист!

Кошаркарите на Мајами Хит се првите финалисти во Источната конференција на НБА лигата, додека на Западот, Феникс и Далас ќе го одиграат седмиот, решавачки меч во Аризона.

Најдобриот тим во лигашкиот дел од сезоната направи брејк во шестиот натпревар од полуфиналето против Филаделфија и со победата од 99-90 со вкупен резултат 4-2 обезбеди пласман во решавачката серија во Источната конференција, каде ривал ќе му биде актуелниот шампион Милвоки или Бостон Селтикс. Бакси водат со 3-2 и вечерва ќе ја имаат првата меч топка на домашен терен.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Батлер со 32 поени со 8 скока и 4 асистенции, а Макс Струс додаде 20. За поразениот тим по 20 поени имаа Ембид и Тајрис Макси.

Далас уште еднаш покажа дека е тим составен од многу таленти и забележа убедлив триумф против најдобриот тим во лигашкиот дел од сезоната Феникс Санс (113-86) и со тоа обезбеди седмиот натпревар во полуфиналната серија. Екипата од Аризона само до средината на втората четвртина беше рамноправен ривал на Маверикси, кои потоа додадоа гас и забележаа висока победа.

На паркетот одново блескаше Дончиќ со 33 поени, 11 скока, 8 асистенции и 4 украдени топки, а солиден беше и Реџи Булок со 19 поени. Диандре Ејон ги предводеше Санси со 21 поен, а Девин Букер имаше 19 поени и 8 асистенции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.