(Видео) Македонија лани без економски раст

Лошите економски политики на владата предводена од СДСМ, стопирањето на изградбата на автопатите и останатите капитални проекти, како и отсуство на професионалци се причина за лошите економски резултати во 2017 година, изјави Трајко Славевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Годишната стапка на раст во 2017 година во Република Македонија изнесува 0. Во периодот кога вообичаено се очекува забрзување на растот на економијата по природен пат, а тоа е последниот квартал во годината, ова важи за сите земји развиени и неразвиени кога расте потрошувачката на населението. Македонија бележи минимален раст на бруто домашниот производ од само 1,2% и тоа претставува трет најнизок раст во Југоисточна Европа. Во услови кога цела Европа забележува високи стапки на раст, македонската економија стагнира и убедливо е на дното- рече Славевски.

 

Според него, исклучително негативни се податоците за растот на градежништвото, кои укажуваат дека во Република Македонија градежните активности значително се намалени веќе трет последователен квартал, а во четвртиот квартал градежништвото забележало пад од околу 20 отсто.

– Тоа е цената на стопирање на изградбата на автопатите и останатите капитални проекти. Индустриското производство забележува низок раст од скромни 2,3 отсто. Исто така пад бележат сите останати дејности, (информации и комуникации, финансиски услуги, јавна управа и одбрана, активности во врска со недвижниот имот) освен дејностите трговија и земјоделство. На расходната страна, е она што повеќе не загрижува, пад од 1% забележуваат бруто-инвестициите кои се и показател за идните движења во економијата. Падот на инвестициите укажува дека македонската економија и во следните години ќе остварува ниски стапки на раст. Дополнително јавната потрошувачка изразена преку ниското ниво на реализирање на капиталните инвестиции претставува негативен двигател на БДП- рече Славевски.

Според него, податоците за БДП покажуваат дека извозот солидно расте, што во најголем дел е резултат на одличните резултати остварени од страна на новите странски инвестиции во развојните зони.

– Јавноста веројатно се сеќава на големиот оптимизам кај населението и претпријатијата, вклучително и кај потенцијалните странски инвеститори по смената на власта во 2006 година, кој се преточи во стапки на раст тогаш највисоки во Европа од близу 6 отсто, а не како сега – една голема Нула. Која е разликата? Почитувани, тогаш во економскиот тим на владата немаше членови кои „ниту знаат, ниту се трудат“, туку имаше посветени професионалци кои предизвикаа вистински пресврт во македонската економија во позитивна насока- рече Славевски.