ВИДЕО| Макрон повторно нападнат на јавен настан

Францускиот претседател Емануел Макрон беше гаѓан во понеделникот со предмет, веројатно јајце, во текот на неговата посета на Лион, пренесува локалното издание Lyon Mag.

Инцидентот се случил во текот на посетата на францускиот челник на изложбата Eurexpo. Како што може да се забележи од снимката која ја објави Lyon Mag, неидентификувано лице од толпат фрлило топчест предмет кон Макрон, кој се одбил од неговото рамо, пред телохранителите да се испречат пред претседателот.

Според првите сознанија, станува збор за јајце. Во врска со инцидентот, безбедносните служби привеле маж.

На почетокот од јуни суд во Франција денеска го осуди 28-годишниот Дамиен Тарел, кој во вторникот му удри шлаканица на претседателот Емануел Макрон, на четири месеци затвор. Тарел претходно призна дека го удрил Макрон, но им рече на истражителите дека не го сторил тоа со предумисла.

Обвинителството побара Тарел да биде осуден на 18 месеци, а судиите одлучија да го осудат на четири месеци затвор и 14 месеци условна казна.

За време на посетата на регионот Тан Лермитаж два дена претходно, Макрон се приближи до група граѓани за да ги поздрави, а Тарел го фати претседателот за рака и му удри шлаканица, повторувајќи ја фразата „Долу Макронија” и претставувајќи се како анархист, по што интервенираше обезбедувањето на претседателот.

Полицијата по инцидентот го уапси Тарел, за кого истражувачите велат дека не ѝ бил познат на полицијата пред инцидентот, а приведен е и неговиот пријател, кој го снимил инцидентот.

Обвинението за напад на јавен службеник во Франција предвидува максимална затворска казна од три години и парична казна од 45.000 евра.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.