(ВИДЕО) Макрон вети „беспоштедна борба“ против исламскиот тероризам

Францускиот претседател Емануел Макрон вети во вторникот „беспоштедна борба“ против исламистичкиот тероризам во текот на одавањето почест на четворицата службеници во париската полициска префектура, кои минатиот четврток ги уби радикализиран колега.

Претседателот Емануел Макрон, придружуван од премиерот Едуар Филип, претпладнето присуствуваше на комеморацијата пред ковчезите на убиените во дворот на централната полициска станица на Париз, каде извршителот на атентатот информатичарот Мишел Арпон беше застрелан откако ги уби колегите.

„Паднаа од ударот на погрешниот и смртоносен ислам кој мораме да го искорениме“, рече Макрон и ја повика целата нација да се „мобилизира за соочувањето со исламистичкото зло со градење сојуз и будно општество“.

Дневниот весник Le Parisien пишува дека антитерористичките служби пронашле УСБ кој содржи пропагандни видео-снимки на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава и податоци за колегите. Ова УСБ било пронајдено во канцеларијата на напаѓачот, навел извор близок на истрагата.

Иследниците трагаат по можни соработници во радикалните средини за да го разјаснат видот на информацијата до кои напаѓачот имал пристап во полицискиот штаб, каде што работел од 2003 година на местото од коешто државата ги следи терористите и криминалците, истакна Макрон.

Полициските службеници се честа цел на џихадистичките организации. Во Фрацнија од 2015 година во исламистичките напади се убиени најмалку 255 лица.

Жртвите на нападот од четврток, тројца мажи и една жена, постхумно ги одликуваше во вторникот министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, пред неколку стотици луѓе.

Кастанер по овој напад е на удар на жестоки критики и мора да одговара на неколку покани за сослушување во парламентот. Веќе беше сослушан непосредно пред церемонијата на одавање почест на жртвите, кога го сослуша парламентарната комисија за разузнавање за можните „нефукционалности“, а во четврток ќе го испрашува комисијата на горниот дом Сенатот.