(ВИДЕО) Манчестер јунајтед одигра нерешено со Вест Хем

Манчестер јунајтед одигра нерешено, 1:1 со Вест Хем, а резултатот не ја менува многу ситуацијата за Црвените ѓаволи во битката за пласман во Лигата на шампионите. Секако ќе им треба да не загубат на „Кинг Пауер“ во Лестер во директен дуел за билет во луксузното европско клупско натпреварување.

Вечерва против Вест Хем, Манчестер јунајтед имаше комплетна иницијатива во првото полувреме, но наместо да водат имаа негатива по 45 минути игра.

Пол Погба играше со рака во последните моменти од првото полувреме и по консултација со ВАР системот судијата Тирни покажа на белата точка за Вест Хем.

Мајкл Антонио беше прецизен го постигна осмиот гол на последните шест меча и најави сензација на „Олд Трафорд“.

Манчестер јунајтед брзо се врати во игра и по само шест минути во второто полувреме Мејсон Гринвуд израмни на 1:1.

И кога се очекуваше дополнителен притисок на домаќините и атак на победа што е многу важна за пласман во Лигата на шампионите Црвените ѓаволи одиграа скромно во продолжението. Речиси и да не креираа сериозна шанса за евентуална победа и сега ќе мораат да останат непоразени во последното коло во директниот дуел со Лестер за место што води во ЛШ.