9.8 C
Skopje
вторник, декември 10, 2024

(ВИДЕО) Масовен протест во Мадрид поради повторно воведување целосен карантин

Жителите на најсиромашните делови на Мадрид излегоа на улиците против воведувањето карантин во населбите со најголем број заразени.

Регионалните власти вчера објавија дека од понеделник, движењето ќе биде забрането во шест населби во кои живеат околу 850 000 луѓе, освен за оние што одат на работа и на училиште.

Карантинот првенствено се однесува на најсиромашните области каде што живеат многу мигранти. Мирните протести се одржаа денеска во 12 од 37 населби.

Шестстотини луѓе протестираа во Валекас, јужната населба населена со луѓе со ниски примања и со многу мигранти. Валекас има една од највисоките стапки на инфекции во Мадрид. Тој број е скоро шест пати поголем отколку Шамбери, едно од побогатите населби на северот на градот.

“Бараме соодветни мерки за заштита во овие области на работничката класа. Немаме здравствени центри. Многу луѓе немаат договор за вработување, така што не можат мирно да одат во карантин”, рече демонстрантката Ванеса.

„Валекас не е гето“, скандираа демонстрантите.

Тие повикаа на оставка на локалната службеничка Изабел Дијаз Ајузо, која оваа недела рече дека „начинот на живот на мигрантите“ е делумно виновен за зголемувањето на случаите.

Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, рече дека новите мерки не ги дискриминираат сиромашните.

“Нема жители од прв и втор ред. Ние мора да бидеме заедно во овие моменти”, објави на твитер градоначалникот.

Властите во Мадрид, каде што отпаѓаат една третина од сите инфекции во Шпанија, најавија поостри мерки во областите со повеќе од 1.000 инфекции на 100.000 жители.

Ќе биде забранет пристапот до парковите, собирите ќе бидат ограничени на шест лица, а рестораните и кафулињата ќе можат да работат до 22 часот во тие области.

Карантинот за целиот Мадрид не е исклучен. „Ако Мадрид треба да биде затворен, ние ќе го сториме тоа“, рече главниот здравствен експерт Енрике Руиз Ескудеро во интервју за АБЦ.

Шпанија има најголем број на инфекции со коронавирус во Западна Европа, но премиерот Педро Санчез вчера во интервју за телевизијата „Ла Секста“ исклучи повторен општ карантин.

Во таа земја, скоро 650 000 луѓе беа заразени, а повеќе од 30 000 починаа.