ВИДЕО| Меѓу мигранти во Србија откриен авганистански генерал и снајперист

Српската полиција во областа на Суботица на северот од покраината Војводина меѓу 109-те откриени илегални мигранти нашле генерал и снајперист на авганистанската војска по кои Франција распишала меѓународни потерници поради најтешки кривични дела и тероризам, пренесе во четвртокот агенцијата Танјуг.

Покрај овие двајца, српското Министерство за внатрешни работи откриле уште 23 „лица од безбедносен интерес“ против кои ќе бидат преземени законски мерки. Во текот на акцијата на работната група за борба против криумчарењето луѓе и нелегални миграции во Радановачката шума во близина на српско-унгарската граница, пронајдена е и автоматска пушка со две рамки за неа и муниција, како и помало количество марихуана.

Еден од уапсените е идентификуван како Абдул Башир Хасани, познат како „Капетан“ офицер на поранешната авганистанска војска.

Другите мигранти, коишто не се во интересот на безбедносните служби, ќе бидат префрлени во прифатните центри, соопшти српската полиција.

Полицијата во Србија поради честите инциденти периодично спроведува засилени контроли на тековите на илегалната миграција на северот од Војводина каде во шумите и напуштените салаши се собираат мигрантите со намера нелегално да преминат во Унгарија.

Последните инциденти кон крајот на ноември во местото Хоргош на северот од Бачка имаше елементи на вооружен судир во кој потешко беше повреден еден дваесетгодишен мигрант. Во акција којашто следеше беа приведени околу 600 мигранти, а пронајдени беше и автоматско оружје.

Хоргош е погранично место со бројни салаши во околината, во коишто, како што пренесуваат медиумите на унгарски јазик во Војводина, засолниште наоѓаат мигрантите додека го чекаат илегалното минување на српско-унгарската граница.

Вооружен судир меѓу групи мигранти се случи и на почетокот од јули во населбата Макова седмица, во близина на Суботица, исто така крај границата со Унгарија. Тогаш загина едно лице, а повеќемина беа ранети.