(ВИДЕО) Меси со солзи се збогуваше од каталонскиот гигант

Лионел Меси денеска точно на пладне одржа прес-конференција на „Камп Ноу“, на која говореше за своето заминување од Барселона, единствениот клуб за кој аргентинскиот генијалец досега ги бранеше боите во неверојатната кариера.

На самиот почеток Меси доби овација од присутните во салата, меѓу кои беа и неговите довчерашни соиграчи, по што Аргентинецот не можеше да ги скрие солзите.

https://twitter.com/FDJChief/status/1424314320641474567?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1424314320641474567%7Ctwgr%5E%7Ctwcon%5Es1_&ref_url=https%3A%2F%2Fplusinfo.mk%2Fne-mozheshe-da-gi-sopre-solzite-mesi-se-zboguvashe-od-katalonskiot-gigant-video%2F

Аргентинецот проговори за околностите поради кои мора да си замине од клубот. Се чинеше дека новиот договор е целосно среден се до пред два дена, кога Барса со шокантно соопштение обелодени дека поради неможноста да се задоволат регулативите на Ла Лига нема да може да потпише договор со својот најдобар фудбалер на сите времиња.

– Сѐ уште сум во шок од сѐ што се случи. Преговорите течеа брзо, се договоривме за сите детали и се чекаше само на некои регулативи. Кога ми кажаа дека нема да можам да потпишам поради правилата на Ла Лига, не можев да верувам. Никогаш немаше некои посебни барања од моја страна, ниту пак од управата. Барса е мој клуб и во заеднички интерес беше да останам, затоа и брзо се договоривме – изјави Меси.

Тој не можеше да ги скрие солзите, свесен дека ова му е последно обраќање пред јавноста од „Камп Ноу“.

– Дадов се што имав за овој дрес, убеден бев дека ќе продолжам да го носам. Не ми се верува дека дојде денот кога треба да кажам збогум. Се надевам дека еден ден ќе се вратам и ќе му донесам нешто ново на клубот. Цел живот сум овде, по 21 година си заминувам со моето семејство, со тројцата мали каталонски Аргентинци – порача најдобриот фудбалер на денешницата.

Со Барселона освои 35 трофеи, а Лео откри кој му е најдрагиот момент.

– Многу трофеи, многу радости, но најдрагиот момент во Барселона ми е кога дебитирав. Тоа беше остварување на мојот сон – рече Меси, кој додаде дека воопшто не сакал да си замине од клубот, но едноставно работите биле такви да не може да остане.

– Минатото лето сакав да си одам, но ова лето сакав да останам. Не сакав да заминам, сакав да останам, но едноставно не можев. Ќе биде тешко за сите, но луѓето постепено се навикнуваат на сите работи – рече Меси на прес-конференцијата полна со емоции.

Екскапитенот на Каталонците само истакна дека интерес покажаа многу клубови кои сакаат да го видат Лео во нивниот дрес, меѓутоа конкретна понуда засега нема.

– Од моментот кога стана јасно дека нема да останам во Барселона, многу клубови го покажаа интересот за мене. Засега нема ништо конкретно, ниту со ПСЖ, ниту со друг клуб. Она што можам да кажам е дека имам доста опции на располагање, но каде ќе ја продолжам кариерата допрва ќе одлучам – вели Меси.