(ВИДЕО) Мицкоски: Состојбата со Ковид заразата е драматична, но исто толку е лоша и економијата и …

49

Состојбата со заразата со Ковид станува драматична. Дефинитивно е дека владата нема план, нема правец и народски кажано не знае каде тера, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Огромниот број на заразени потврдува дека работите излегуваат од контрола и секој обид за релативизирање на работите е штетен и претставува потценување на заразата. А, потценување на вирусот подразбира дека тој ќе продолжи да се шири. Секоја наша препорака ја игнорираа, и затоа најлошо се справуваме со вирусот споредено соседството. Опасни се тезите дека вирусот слабее во своето дејство, таква научна теза се уште не е докажана. А, уште поопасно е тврдењето дека владата има контрола и ги знае кластерите. Бројката на новозаразени не го потврдува тоа. Ова не е политички инает, туку сурова реалност која се плаќа со животи на луѓето. Потребна е стратегија, а не ПИ-АР манифестации на власта во кои не даваат одговори на прашањата. А, катастрофата во здравството, се пресликува и во економијата. Таму работите се подеднакво драматични.
Денес ќе проговорам за неколку параметри, вели Мицкоски.

Тој додава дека имено ќе започнеме со начинот на кој што УЈП ги наплаќа даноците, бидејќи наплатата на даноците е еден од првите индикатори во која насока се движи нашата македонска економија.

-На почетокот на годината изработен е план и динамика за наплата даноците и тогаш Управата за јавни приходи во првите 5 месеци почнувајќи од 1 јануари, а завршувајќи со 31 мај испланирала дека ќе наплати речиси 38,5 милијарди денари, а каква е реализацијата. Реализацијата за истиот период од 1 јануари до 31 мај или во првите 5 месеци од годината УЈП успеало да наплати нешто повеќе од 29 милијарди денари или реализацијата од планот е некаде околу 75 проценти. Што значи дека потфрлањето од почетниот план кој што го планирала УЈП на почетокот на годината е цели 25 проценти, а не како што тоа го кажуваше ресорниот министер. Бидејќи ресорниот министер споредуваше со предвидувањето кое што е направено со ребалансот на буџетот.

-Понатаму само во месец мај на почетокот на годината УЈП предвидело дека ќе наплати 7,577 милијарди денари, а успеало да наплати нешто помалку од 4,5 милијарди денари. Што значи дека потфрлањето е повеќе од 3 милијарди денари само за месец мај.

-Или ако одиме по структура на наплатени даноци ќе дојдеме до следниот заклучок дека од планираните 1,2 милијарди данок на добивка наплатени се нешто повеќе од половина или нешто повеќе од 660 милиони денари. Потфрлањето е за цели 45 проценти.

-Кога доаѓаме до персоналниот данок на доход од планот од 1,648 милијарда денари наплатени се нешто повеќе од 1,2 милијарди денари или потфрлањето е околу 25 проценти.

-Најголемо е потфрлањето кога зборуваме за данокот на додадена вредност и тој ако бил планиран за нешто повеќе од 4,7 милијарди денари, реализирани е во вредност од помалку 2,5 милијарди денари или потфрлање за повеќе 47 проценти.

-Но за да ја докажат некадарноста, неподготвеноста и би рекол неспособноста ќе истакнам уште еден параметар. Во месецот кога го правеа ребалансот, во месецот кога ги имаа сите податоци на располагање, тоа е месецот мај, предвидоа дека во истиот тој месец откако ќе се случи ребалансот ќе успее УЈП да собере нешто повеќе од 6,5 милијарди денари, а како што кажав успеале да соберат под 4,5 милијарди денари. Или во месецот кога е правен ребалансот на буџетот потфрлањето, неспособноста и некадарноста на раководните лица во УЈП и министерството за финансии е толку големо што и тука прават грешка од повеќе од 2 милијарди денари.
-Понатаму 2 индикатор кој што кажува дека економијата не оди во добра насока туку сосема спротивно економијата се движи во амбис е индустриското производство. Индустриското производство во 4 месец од годината има намалување за цели 33,5 проценти, а она што учествува најмногу во градењето и модирањето на индустриското производство е практично преработувачката индустрија. Таа има пад од цели 40 проценти. Истовремено бројот на вработените во индустријата во месец април е намален за 5,1 процент, а од почетокот на годината бројот на работниците во индустријата е намален за цели 4 проценти.

– И последниот индикатор за кој што сакам денеска да зборувам и кој кажува дека состојбата во економијата е алармантна е практично полнењето на буџетот во првите пет месеци. Бидејќи 70-тина или нешто повеќе проценти од полнењето на буџетот отпаѓа на УЈП, а останатите се другите вкупни приходи кои што го сочинуваат целосното полнење на буџетот на државата.
Имено, како стојат тука работите, капиталните инвестиции оние кои што апелираме од почетокот на годината да бидат робусни, интензивни бидејќи само на тој начин може да го одржиме реалниот сектор здрав, се катастрофални. Односно нивното ниво не надминува 60-тина милиони евра во првите пет месеци. Тоа е за некаде околу 18.5% од планот кој што е предвиден со ребалансот на буџетот.

-Кога станува збор за дефицитот или народски кажано дополнителниот зголемен долг кој што ќе падне на плеќи на граѓаните и на семејствата во Република Македонија, можам да кажам дека ситуацијата е исто така алармантна. Станува збор за нов долг, или за нов дефицит во првите пет месеци од цели 307 милиони евра. Повторувам цели 307 милиони евра. Или за цели 38.000 денари е задолжено секое семејство во Република Македонија или пак да бидеме попрецизни околу 615 евра.
Само во месец мај долгот е зголемен за цели 110 милиони евра или пак секое семејство само во месец мај е задолжено за цели 220 евра. Доколку се продолжи со планираната динамика во што се сомневам, бидејќи ценам дека и таа ќе биде промашена, долгот ќе биде за некој процент поголем. До крајот на годината секое македонско семејство ќе биде задолжено за дополнителни 1.500 евра. Повторувам секое македонско семејство ќе биде задолжено на крајот од годината за цели 1.500 евра, вели Мицкоски.

Тој додава дека ситуацијата во здравството е катастрофална, ситуацијата во економијата е алармантна. Сето она кое што они го декларираат дека можат односно нивниот слоган „Можеме“ е само можеме да донесеме повеќе криминал, да донесеме повеќе корупција, повеќе неуспеси и повеќе срам и поголем дебакл во справување со Ковид пандемијата. Почитувани граѓани, Ве молам да бидете трпеливи, да не очајуваме затоа што имаме план, да бидеме спокојни, знаеме како да излеземе од оваа вонредна кризна ситуација во државата. Доаѓа обновата. Обновата победува. Ви благодарам, бидете ми здрави и живи. И чувајте се вие и вашите семејства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.