(ВИДЕО) МЗТ поразен од дебитантот Подгорица во АБА2

Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз ја отворија новата сезона во АБА2-лигата. На турнирот во Златибор, „металците“ во драматичен финиш загубија од Подгорица со 74-72.

МЗТ Скопје треба да жали за пропуштената шанса да стартува со победа на првиот турнир во АБА2-лигата. Слабиот финиш на натпреварот значеше и пораз за избраниците на Ѓорѓи Кочов. Во втората и третата четвртина нашиот тим постојано имаше предност.  МЗТ водеше со 61-54 во финишот на третиот период, но потоа следуваше серија 13-2 за противникот. Нашиот тим само уште еднаш се врати во водство кога имаше 70-69, но во финишот немаше игра за да го задржи. Сепак во последниот напад, МЗТ имаше осум секунди за евентуално да го израмни натпреварот или со тројка и да победи, но Американецот Хасани Гравет направи чекори, па Подгорица славеше со 74-72.

Андрија Бојиќ одигра одлично во таборот на македонскиот тим со 24 поени и девет скока, Тодрик Гочер реализираше 21 поен, додека Хасани Гравет броеше до 14. Во листата на стрелци кај МЗТ се запишаа уште четворица играчи, но никој не постигна повеќе од четири поени.
Новак Мушиќ со 23 поени беше најдобар кај Подгорица.

Во второто коло на турнирот во Златибор, МЗТ задутре се среќава со Сутјеска. Вториот наш претставник во АБА2, Работнички, кој исто така стартуваше со пораз во второто коло ќе игра со денешниот противник на МЗТ, Подгорица.