(ВИДЕО) Најмалку 25 убиени во нападот на храмот на сиките во Кабул

Најмалку 25 луѓе се убиени а уште осум се ранети во нападот на неиндентификувани напаѓачи во средата во верскиот комплекс на сиките во авганистанската престолнина Кабул, соопшти авганистанското министерство за внатрешни работи.

Спасени се 80 лица кои се затекнале во храмот, меѓу кои жени и деца, а напаѓачите се ликвидирани, пренесува локалната телевизија Tolo News, повикувајќи се на полицијата.

Пратеникот Нарендра Синг Халиса, припадник на заедницата сики, изјави дека во времето на нападот кој бил изведен утрото во 7,45 часот по локално време, се наоѓале околу 150 лица. Според Халиса, три бомбаша самоубијци влегле во верскиот комплекс во квартот Дарамшала и го започнале нападот.

Неколку часа по утринскиот напад и заложничката криза, портпролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, Тарик Ариан, објави дека сите напаѓачи се убиени, но не го наведе нивниот број.

Радикалното исламистичко движење Талибан веднаш ја негираше својата вмешаност во нападот. Локалниот телевизиски канал 1TV News, пак, објави дека одговорноста за смртоносниот напад ја преземала ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Сиките во Авганистан се верско малцинство и во минатото беа цел на бројни напади. Кон крајот на 1980-те години, пред јакнењето на исламистичките струи во земјата ги имало околу 500.000. Во 2018 година во самоубиствениот напад изведен од Исламската држава во источната покраина Нангахар, беа убиени 19 луѓе, главно припадници на заедницата на сиките. По овој напад, многу припадници на зедницата се одлучија да го напуштат Авганистан. Во моментов, според неофицијални процени, нема повеќе од илјада припадници на оваа верска заедница во градот Кабул, во Нангахар и југоисточната покраина Ганиза.