ВИДЕО| Најмалку четворица загинати во украински напад врз руски Белгород

Најмалку четири цивили, тројца државјани на Украина и еден Русин, загинале во украинско гранатирање со балистички проектили „Точка-у“ ноќта кон неделата врз териториите на Курск и Белгород во Русија во близина на границата со Украина.

Најмалку 11 станбени згради и 39 приватни куќи се оштетени, вклучително и пет кои се целосно уништени, соопшти гувернерот Вјачеслав Гладков преку апликацијата Telegram.

Според него, најмалку четири лица се повредени а две се хоспитализирани, вклучително и десетгодишно дете. Го осуди нападот како „намерно планиран и изведен против цивилното население во руските градови“.

Гладков додава и дека противвоздушната одбрана била во функција, и дек сите три ракети биле пресретнати, но дека парчиња од едната од нив паднале врз живеалиште.

Белгород, со речиси 400.000 жители, е на околу 40 километри северно од границата со Украина и е административен центар на пограничната Белгородска област, која во минатото, исто така, беше цел на напади од Украина.