ВИДЕО: Над 1.200 лица починаа од топлотен бран во Пакистан

Како последица на топлотниот бран во пакистанскиот град Карачи, за една недела починаа 1.233 лица, соопштија локалните власти, пренесува Танјуг.

Според директорот во Управата за вонредни ситуациии во провинцијата Синд Назар Мохамад Боздар, од 20 јуни во болниците се примени околу 65.000 лица повразно со топлотниот удар.

– Благодарејќи на брзата реакција на властите и медицинските установи, ситуацијата во последните денови се подобрува, па на лекување во локалните болници во моментов има само нешто над 1.900 лица, истакна Боздар.

И температурите се намалија, откако пред една недела достигнуваа до 45 степени Целзјусови, сега се движат околу 34 степени.

Најсмртоносниот врел бран кој некогаш се помни во Пакистан за несреќа се падна во месецот Рамазан, кога муслиманското мнозинство во земјата пости од зора до мрак.