12.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

(ВИДЕО) Над 40 000 на протестите во Берлин, полицијата уапси 300 демонстранти

Илјадници противници на носењето заштитни маски и мерки за заштита од коронавирус излегоа на улиците на неколку европски градови, а 300 лица беа приведени на протестот во Берлин по судирите меѓу приврзаниците на крајната десница и полицијата.

Министерот за внатрешни работи во Берлин, Андреас Гајзел изјави дека околу 200 лица биле приведени пред руската амбасада откако фрлале камења и шишиња кон полицајците, а повеќето подоцна биле ослободени. Никој не е повреден.

Според властите, вкупно околу 38 000 луѓе учествувале, главно мирно, на митингот за време на кој организаторите повикале на крај на сите мерки против коронавирусот.

Во Лондон, илјада лица собрани на Трафалгар Сквер повикаа за крај на „медицинската тиранија“, додека во Цирих повеќе од илјада собрани повикаа на „враќање на слободата“.

Во Париз, помеѓу 200 и 300 лица протестираа против обврската да носат заштитни маски. Парижанката Софи рече дека дошла да се бори за „слобода на избор“.

По барањата за растурање, учесниците на берлинската парада останаа во групата и извикуваа „Отпор“ и „Ние сме народ“, екстремно десничарскиот слоган.

Митингот, наречен „Прослава на слободата и мирот“, кој спојува разни елементи на општеството, беше втор собир за еден месец, што ги загрижува властите. Собирот беше многу мешан, од сите возрасти, вклучително и семејства со многу мали деца. Покрај германските имаше знамиња во боја на виножитото, а демонстрантите постојано извикуваа: „Меркел мора да си оди“.

„Јас не сум екстремно десничарски симпатизер, тука сум да ги бранам нашите основни слободи“, рече Стефан (43) од Берлин, во маица на која пишува „Размислувањето помага“.

Градската администрација на германската престолнина го забрани протестот поради здравствена безбедност и неможност за почитување на дистанца, но подоцна судот на кој се обратија организаторите го дозволи собирот.

Новиот митинг се одржа во атмосфера на растечко незадоволство кај германското јавно мислење за ограничувањата за време на пандемијата.

Иницијаторот на протестот, Мајкл Балвег, ИТ-претприемач без никаква политичка припадност, на чело на движењето „Неконформистички мислители -711“ со седиште во Штутгарт, побара „итна оставка“ од владата за време на митингот во Берлин, проследено со аплауз.

Како и многу европски земји, Германија се соочува со постојан раст на заразените во последните неколку недели со просечно 1.500 нови случаи на ден.

Најмалку 838.271 лице починале во светот од почетокот на пандемијата на ковид-19, објави вчера Франс прес врз основа на официјални извори.

Дијагностицирани се околу 24,8 милиони случаи на инфекција.