(ВИДЕО) Најмалку 15 мртви во напад на избирачко место во Кабул

Најмалку петнаесет лица се убиени, а шеесетина се ранети во самоубиствен напад во близина на избирачко место во авганистанската престолнина Кабул, објави портпаролот на министерството за внатрешни работи во саботата додека ширум Авганстан се одржуваат долго одложуваните парламентарни избори.

Меѓу жртвите осум се полицајци, изјавил портпаролот на министерството за внатрешни работи, Насрат Рахими. Портпаролот на авганистанската полиција, Басир Муџахид, пак, објаснил дека полицајците откриле бомбаш самоубиец кој кога сфатил дека е разоткриен го активирал појасот со експлозив и се разнел пред да стаса до избирачкото место во северен Кабул. Во самиот Кабул најмалку три лица се убиени во саботата претпладнето, а 67 се ранети во експлозии во близина на избирачки места, изјави Мухибула Зир, шеф на болничкиот систем во главниот град.

Претходно во саботата светските новинаски агенции објавија дека ширум Авганистан се случиле треисетина насилни инциденти во текот на изборите кои се одвиваат во сложени безбедносни услови. Поради тоа, изборните власти затворија повеќе од 2.000 избирачки места и го одложија гласањето во 11 од речиси 400 окрузи во земјата.

Авганистанците во саботата гласаа на парламентарните избори кои се проследени со хаотична организација, обвинување за корупција и насилство, поради којашто изборите во стратешки важната покраина Кандахар се целосно одложени, поради силното присуство на талибаните кои се противат на одржувањето на изборите.

Изборите ги следат и неправилности, па некои избирачки места останаа затворени поради политички причини, на други, пак, немали гласачки ливчиња. Централната изборна комисија по низата проблеми го продолжи времетраењето на изјаснувањето на Авганистанците.

Авганистанската влада е под силен притисок да ги одржи повеќпати досега одложуваните парламентарни избори. За гласање се пријавиле 8,8 милиони Авганистанци. Владата во петокот во покраината Кандахар реши да ги одлои за една седмица изборите, откако беше убиен регионалниот полициски началник, а изборите не се одржуваат ниту на југоистокот од земјата поради спорот на локалните власти околу распределбата на мандатите. Поради ваквата изборна атмосфера, се претпоставвуа дека изборните резултати нема да бидат познати најмалку две седмици.