(ВИДЕО) Најмалку 19 убиени во бомбашки напад во Авганистан

Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава ја презема одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад во авганистанскиот град Џалалабад во неделата попладнето во кој се убиени 19 лица , пренесе новинската агенција Amaq поврзана со оваа џихадистичка организација.

Според извештајот, цел на нападот бил медицинскиот комплекс кој авганистанскиот претседател го отвори во покраината Нангахар.

Портпаролот на покраинскиот гувернер изјави дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад, а не за ракетен напад како што првично се сметаше. Во нападот се ранети уште 20 лица, додаде.

Експлозијата одекнала околу 15 часот по локално време недалеку од домот на гувернерот каде што претседателот Ашраф Гани, кој се наоѓа во посета на Џалалабад, разговарал со претставниците на локалните власти, пренесува AFP.

„Претседателот сѐ уште се наоѓа во посета на покраината Нангахар и е надвор од опасност“, прецизираше портпаролот на авганистанскиот челник. Претседателот Гани во неделата допатува во дводневна официјална посета во оваа покраина во којашто се наоѓаат важни упоришта на талибаните и на борците на Исламската држава.

Снимките на локалните телевизии покажуваат неколку пожари, автомобили во пламен и густи столбови чад над главниот пазар во градот.