ВИДЕО: Напаѓачите на полициската станица во Истанбул се жени

Напаѓачите на полициската станица во Истанбул се жени. Како што јавува Си Ен Ен Турк, двете жени кои учествувале во нападот во округот Бајрампаша се опколени во една зграда додека се обидувале да побегнат.

Рано утрово беше нападната полициската станица во предградието на Истанбул, најголемиот град во Турција, при што е употребено огнено оружје и бомби, но нема жртви, јавуваат агенциите повикувајќи се на Си-Ен-Ен Турк.

Две жени кои учествувале во нападот во округот Бајрампаша се блокирани во една зграда во близината по обидот за бегство, пишуваат турските медиуми.

Тие пред тоа фрлиле рачни бомби врз капијата на станицата на полициската единица за специјални намени, која се наоѓа на европската страна од градот, а потоа отвориле оган од рачно оружје.

Откако силите за безбедност одговорија на оганот, обете напаѓачки се ранети. Се наведува дека во зградата побегнале со веќе подготвено возило за бегство.

Се уште ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот, но во последно време во Истанбул се случуваат напади за кои одговорноста ја преземаат или курдските бунтовници или припадниците на вооружената групација Исламска држава.

Освен овој инцидент, тројца турски војници загинаа рано утрото во четвртокот за време на судири со припадниците на организацијата на Работничката партија на Курдистан во југоисточната провинција Мардин, соопштија од државните воени сили, јави агенцијата Анадолија.

Генералштабот на Вооружените сили на Турција наведе дека за време на операцијата во Мардин освен тројцата војници убиени се и „осуммина припадници на терористичката организација ПКК“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.