(ВИДЕО) Научниците сакаат да го копираат процесот со кој Сонцето ја добива енергијата

Четирианесет години откако добија одобрување за проектот, научниците на југот на Франција во вторникот започнаа да го составуваат уредот кој би требало да покаже дали нуклеарната фузија, којашто е извор на енергијата на Сонцето, може да биде сигурен и одржлив извор на енергија на Земјата.

Компонентите за револуционерниот мултинационален проект ITER (International Thermonuclear Experimental Reactor) пристигнуваа изминатите месеци во малата општина Сен-Пол-лес-Диранс од сите краеви на светот. Сега треба да се спојат компонентите за да се направи, како што наведува ITER во своите промотивни материјали, „најголемата светска сложувалка“.

Целта е да се демонстрира дека енергијата ослободена со нуклеарна фузија може да се произведува одржливо и безбедно на комерцијална основа. „Фузијата дава чиста и сигурна енергија без емисија на јаглероди“, се наведува во соопштението на 35-те земји членки на ITER.

Во проектот преку ITER се вклучени 27-те земји членки на ЕУ, Велика Британија, Швајцарија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Русија и САД.

„Фузијата е сигурна, со минимални количества гориво и без физичка можност од несреќи поради уривање“, се додава во материјалот.

Натаму, горивото за фузијата може да се најде во морската вода и во литиумот, поради што има доволно извори за следните милиони години. „Ова гориво со големина на ананас е еквивалент на 10.000 тони јаглен“ се истакнува во соопштението.

Уредот ITER ќе биде составен од околу милион компоненти, а првите експерименти би требало да започнат во декември 2025 година. Реакторот својата полна сила би можел да ја постигне во 2035 година, пишува агенцијата AFP.

Експерименталниот реактор ITER, нема конректно да произведува струја. Ќе треба да се почека до 2060 година за фузискиот реактор изведен од ITER да се спои на електричната мрежа. А доколку биде споен на електричната мрежа, ќе произведува 500 мегавати термална енергија којашто би се претворила во околу 200 мегавати електрична енергија, којашто би била доволна за 200.000 домаќинства.

Меѓутоа, ваквите „вештачки сонца“ ги критикуваат еколозите кои во проектот гледаат научна илузија без никаква гаранција дека ќе се добие резултат, и како „финансиска дупка без дно“, како што оцени меѓународната еколошка активистичка организација Гринпис. Имено, проектот започна со пет години доцнење, и првичниот буџет тројно се зголеми на речиси 20 милијарди евра во моментов.