(ВИДЕО) Негувајте го вашиот јазик и културата, порача британскиот амбасадор Лосон кој го положи испитот по македонски јазик

Новиот британски амбасадор во земјава Метју Лосон денеска на Твитер се пофали со сертификатот за положен испит по македонски јазик, Ц1 неполни три месеци по доаѓањето на служба во амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

-Одличен почеток на неделата со сертификат за положен испит по македонски јазик. Ми претставува чест и задоволство што го учам овој прекрасен јазик, напиша Лосон на Твитер и објави видео на кое зборува на македонски јазик и порача „Негувајте го вашиот јазик и вашата култура“.

Лосон дојде во Скопје по амбасадорската функција во Душанбе, Таџикистан. Претходно бил заменик-шеф на британската мисија во Босна и Херцеговина од 2015 до 2018 година, а имал дипломатска служба и во Канада од 2013 до 2015 година.

Новиот британски амбасадор работел и како шеф на Одделот за Јужна Азија и Авганистан при Министерството за надворешни работи и Комонвелт од 2009-2011.