ВИДЕО: Необјавена песна на „Дафт панк“ и Џеј Зи се појави онлајн

Заедничка песна на „Дафт панк“ и Џеј Зи , насловена како „Computerized“, се појави онлајн навидум случајно. Се смета дека првично била замислена за стар „Дизни“ проект, пренесува „Гардијан“.

Соработката им изгледа сосема природна. Додека Џеј Зи рапува за технологијата и отуѓеноста, „Дафт панк“ ги вклучуваат нивните типични синтисајзер-звуци и обработениот електронски вокал.

„Аранжманот потсетува доста на нивниот саундтрак на „Трон“, а песната звучи толку клиширано, поради што првично многумина претпоставуваат дека е лажна“, се вели во еден од коментарите по вчерашното објавување на песната.

Сајтот „Пичфорк“ сепак вчера потврди дека песната е вистинска, но без да ги споменува изворите на таквата информација. Според некои гласини постојат тврдења дека нејзин продуцент е Каније Вест.

Исто така се верува дека „Computerized“ најверојатно била предвидена како дел од саундтракот на филмот на „Дизни“ од 2010 година, „Трон“.

Информации за нивна заедничка песна со Џеј Зи се појавува уште во 2011 година во еден париски блог.