(ВИДЕО) Николас Кејџ не добил ниту долар за филмот кој му донесе Оскар

Актерот Николас Кејџ (58) не бил платен за улогата во филмот „Напуштање на Лас Вегас“, која му донесе Оскар. Ова го открил режисерот Мајк Фигис (74), кој, исто така, не заработил ништо од ова филмско остварување.

– Којзнае. Никогаш не ги видов парите. Мислам, јас и Николас никогаш не бевме платени, затоа што беше кажано дека филмот немал никаков профит – рекол Мајк во разговор за подкастот „Тоа се случи во Холивуд“.

Тој додал дека буџетот на филмот бил меѓу три и четири милиони долари.

Меѓутоа, тој вели дека продукцијата на филмот била неверојатна и дека тоа би го направил одново.

– Кариерата ми тргна тогаш, а за следниот филм што го снимав бев многу добро платен. И за една година Кејџ заработи 20 милиони долари по филм, така што тоа беше прилично добро – рекол Фигис, кој за Кејџ вели дека тој бил „срцето и душата на филмот“ и целосно посветен на својот лик.

Кејџ доби Оскар и Златен глобус за најдобра главна улога за улогата на Бен Сандерсон, а Мајк Фигис беше номиниран за најдобар режисер.