(ВИДЕО) Њујорк тајмс: Венецуела е на работ на војна

Откако венецуелската опозиција предводена од самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо не успеа да ги внесе конвоите со хуманитарна помош од Колумбија и Бразил, сѐ повеќе се чини дека немала план Б.

Гуаидо и неговите сојузници, кои од минатиот месец се обидуваат да го натераат актуелниот претседател Николас Мадуро да отстапи од функцијата, се надеваа дека влегувањето на хуманитарната помош и покрај забраната од Мадуро ќе претставува неповратен крах на неговиот авторитет. Со други зборови, стануваше збор за своевидна провокација, колку и да беше таа во исто време мотивирана од жестоката хуманитарна криза во таа земја. Но планот поприлично им пропадна – во земјата влезе само еден камион, а други два беа запалени.

Рокот кој опозицијата во својот ултиматум му го постави на Мадуро помина, а бројот на војници кои пребегаа во Колумбија и на страната на опозицијата е далеку помал од очекуваното, едвај некои 100 до 150. Преостанатите неколку илјади кои ги чуваа граничните премини кои Мадуро нареди да се блокираат останаа на своите позиции, сузбивајќи ги со полицијата и поддржувачите на Мадуро протестите со гумени куршуми и солзавец, но и со вистински куршуми. Најмалку четворица демонстранти беа убиени, а 285 се повредени.

Во секој случај, Мадуро од овој конфликт излезе како победник, со леснотија го одби најголемиот предизвик за својата власт откако демократски избраниот претседател на Националното собрание Гуаидо се прогласи за привремен претседател на 23 јануари, пишува Њујорк тајмс. Во исто време, антирежимските демонстранти кои за време на викендот фрлаа камења и Молотови коктели врз полицијата и војската го загрозија имиџот на ненасилното движење за промена на власта кое го предводи Гуаидо.

Но дури и неговата судбина сега е неизвесна – откако и покрај забраната за напуштање на земјата замина од Венецуела во Колумбија за да го предводи обидот за влез на хуманитарните конвои во земјата, прашањето е дали сега ќе успее да се врати. Ако остане заглавен надвор од Венецуела, неговата улога ќе се претвори во лидер на опозицијата во егзил, со многу послаба позиција на влијание на ситуацијата во Венецуела.

Тоа беше еден од резултатите што ги претпоставувавме, но не беше оној што го сакавме. Не можеме повеќе да ги изложуваме своите луѓе. Влегувањето на хуманитарната помош не може да биде детонаторот за поголем конфликт, вели опозицискиот пратеник Армандо Армас за Њујорк тајмс, давајќи до знаење дека по неуспехот од овој викенд опозицијата не планира наскоро повторно да се обиде да ја внесе помошта.

Но ни Мадуро, кој викендов отворено му се потсмеваше на Гуаидо нарекувајќи го „просјак на империјалистите“, „кловн“ и „марионета“, а опозицијата „мала група будали кои не знаат самостојно да мислат“, нема многу причини за задоволство. И понатаму е исклучително непопуларен во Венецуела, земјата која неговиот режим со корумпираното владеење и промашените социјалистички политики ја доведе до економски колапс, со инфлација над милион отсто, речиси 90 отсто од населението под границата на сиромаштијата и над три милиони луѓе избегани од земјата, а ОН проценуваат дека уште два милиони Венецуелци би можеле да избегаат до крајот на оваа година.

Освен тоа, фактот дека одби да ја прими хуманитарната помош, тврдејќи дека хуманитарната криза во Венецуела е измислена додека луѓето купуваат расипано месо, пијат загадена вода и умираат од излечиви болести поради недостигот од лекови, уште повеќе ја уништи репутацијата на Мадуро, ако тоа воопшто беше можно – како и речиси истовремените сцени на запалените камиони со хуманитарна помош додека тој танцуваше на собир во Каракас. Демонстрациите сѐ повеќе избиваат и во сиромашните квартови, каде вооружените банди на Мадуро, таканаречените колективоси, треба да држат сѐ под контрола, а населението зависи од државната помош за да има што да јаде. Како што јавува Амнести интернешнел, полицијата егзекутирала најмалку шест луѓе поради учество во протести и критички постови на социјалните мрежи против Мадуро, а потоа ги скрила доказите за убиствата. Уште 40 луѓе беа убиени во масовните протести во јануари.

Поголемиот дел од народот го поддржува влегувањето на хуманитарната помош и сакаме да ја оставиме границата отворена. Ова е помош, а не војна… секој ден сѐ повеќе деца умираат, вели една од демонстрантките Кармен Елена Силва.

За Мадуро, пак, најавата на Гуаидо дека „формално ќе побара од меѓународната заедница да ги остави сите опции отворени за да ја обезбеди слободата на татковината“ е доказ дека неговиот соперник со Вашингтон планира странска воена интервенција. На тоа толкување во прилог му оди и изјавата на државниот секретар на САД Мајк Помпео дека „Америка ќе преземе мерки против оние кои се противат на мирната обнова на демократијата“ и дека „сега е времето за дејствување“, но и симболичната објава на американскиот сенатор Марко Рубио со фотографиите од убиениот либиски лидер Моамер Гадафи на врвот на власта и непосредно пред да биде линчуван во 2011, по оружениот бунт помогнат со интервенција на НАТО. Твитот на Рубио, кој беше сфатен како индиректна закана кон Мадуро, беше остро критикуван на социјалните мрежи.

Во претходните протести против Мадуро во 2017 беа убиени повеќе од стотина луѓе на двете страни. Ако дојде до ескалација на конфликтот меѓу режимот и опозицијата, бројот на жртви би можел, за жал, многу брзо да стане многу поголем. Движењето на Гуаидо досега избегнуваше насилни судири, користејќи ја претходната комбинација на мирни протести и меѓународен притисок, иако Гуаидо неколку пати ја повика војската да застане на неговата страна. На неговиот повик досега одговорија само пет воени офицери кои пребегнаа во Колумбија, но мнозинството на воениот врв и понатаму е со Мадуро, кој ги држи крај себе со вносни позиции во државната нафтена индустрија.

Ненасилниот карактер на овие протести е апсолутно клучен ако се сака нешто да се постигне. Ако почнат борбите, нема повеќе ништо добро да помине од една едноставна причина: кога протестите ќе станат насилни, нема повеќе да бидат масовни, оценува Дејвид Симилда, висок соработник во организацијата Вашингтон офис он Латин Америка.

Многу зависи од договорот кој Гуаидо и американскиот потпретседател Мајк Пенс ќе го постигнат денес на средбата на таканаречената Група Лима, коалицијата јужноамерикански земји спротивставени на Мадуро. А критиката за безобѕирен пат кон војната, односно американска воена интервенција, можеби најелоквентно ја сумираше американскиот демократски сенатор Крис Марфи.

Мадуро е лош и САД би требало да продолжат со стратегијата на негово поткопување и поттикнување на распишување нови избори. Никој не може да го брани она што тој ѝ го прави на Венецуела. Но сосема е поинаку ако САД поттикнат граѓанска војна без реален план како таа би завршила, напиша Марфи на Твитер.