(ВИДЕО) Нов инцидент во САД: „Го гушиш, брате“!

Полицаец во Њујорк е суспендиран откако бил снимен со раката околу вратот на Афроамериканец, што началникот на полицијата го опишал како „очигледно гушење“.

На снимката е прикажана група на полицајци кои му пристапиле на Афроамериканец, додека еден со раката го држел за вратот додека тој лежел со лицето на земја на плажа во Квинс.

На снимката се слуша и како некој вика: „Го гушиш, брате“.

Полицаецот го попуштил стисокот откако колегата го повлекол, пренесува АП.

Не е јасно дали Афроамериканецот се здобил со повреди за време на инцидентот, но на снимката се гледа дека можел самиот да застане откако се подигнал.

Во Њујорк техниката на гушење е одамна забранета. Борбата против употребата на таа техника почнала по смртта на Ерик Гарнер во 2014 година, кога полицаец го гушел за време на апсењето.

Гувернерот Ендру Куомо неодамна потпиша закон кој ја регулира примената на полициските мерки, а со кој техниката на гушење е забранета.