7.8 C
Skopje
петок, ноември 29, 2024

(ВИДЕО) Нови инциденти меѓу мигрантите кои се обидуваат да влезат во Македонија и полицијата

Насобраните бегалци и мигранти во прифатниот бегалски камп Диавата во близина на Солун, повторно масовно се обидоа да ги пробијат полициските блокади и да се упатат кон Идомени и границата со Македонија, по што полицијата употреби солзавец и шок бомби за да го спречи нивниот обид, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако не успеаја во нивната намера, дел од бегалците и мигрантите ја запалија блиската трева и се упатија во друга насока, но и таму наидоа на полициска блокада.

По лажната вест што во изминатиот период се споделуваше на социјалните мрежи дека повторно ќе бидат отворени границата и балканската бегалска рута кон Европа, околу 500 бегалци и мигранти од цела Грција се упатија кон Солун и вчера поставија над 100 шатори пред прифатниот центар Диавата.

Грчката полиција веднаш реагираше целосно опколувајќи го импровизиран камп пред Диавата.

Инаку, по информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Македонија, надлежните од нашата земја велат дека ситуацијата е под контрола и дека државата е поподготвена да се справи со евентуален предизвик од нов бран на мигранти.