ВИДЕО| Новиот филм на Спилберг забранет во земјите од Заливот поради трансродов лик

Проекциите на современата адаптација на филмскиот класик мјузиклот „Приказна од западната страна“ во режија на Стивен Спилберг, наводно е забранет во Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати, а магазинот Hollywood Reporter се повикува на извори од регионот кои тврдат дека тамошните цензори ја донеле таквата одлука поради трансродов лик кој се појавува во „осовмренетата“ верзија.

Иако оваа информација сѐ уште официјално не е потврдена, високобуџетниот мјузикл кому му предвидуваат неколку Оскари, главно токму поради задоволувањето на еден од критериумите за номинација – да бидат вклучени ликови од расни или сексуални малцинства, е забранет во земјите од Персискиот залив поради трансродовиот лик Енибади, кој го толкува Ајрис Менас, „небинарна“ актерка која се појави во рок-мјузиклот „Jagged Little Pill“.

Според пишувањето на Hollywood Reporter, филмот не добил одобрување за прикажување во Саудиска Арабија и Кувајт, а студиото „Disney“ одбиле да ги исечат деловите од филмот чиешто отстранување го барале цензорите од ОАЕ, Катар, Бахреин, и Оман.

Имајќи предвид дека хомосексуалноста официјално е илегална во Саудиска Арабија, Катар, Оман и Кувајт, а во другите наведени земји е неморална, филмовите коишто содржат какви и да се алузии на ЛГБТИ заедницата често се тема на цензорите.

Енибади, чиј родов идентите во оригиналот сега се толкува дека е „нејасен“, во новата верзија станува очигледно трансродово лице. Авторите на новата верзија самоуверено порачаа дека „Енибади е лик кој бил маж роден во женско тело. Крај на приказната“.

Оваа информација дојде набрзо откако филмот „Eternals“ на „Marvel“ во ноември беше отстранет од кино-репортоарите во поширокиот регион на Персискиот залив поради првиот геј суперхерој, кој го толкува Брајан Тајри Хенри, а особено поради сцената во којашто на филмскиот екран се бакнува со својот супруг Бен, лик кој го толкува Хаз Слејман.

Студиото, сепак, се согласи на промени исфрлајќи ги сите сцени на интимност меѓу истополови ликови, па филмот сепак доби дозвола да се прикажува во некои заливски земји.