Видео од напаѓачот кој избоде деца и возрасни во Франција

Напаѓачот вооружен со нож, кој избоде четири деца и двајца возрасни во парк покрај езерото Анси во Франција денеска, е уапсен, а на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како осомничениот, за кого беше објавено дека е сириски мигрант, мавта со нож низ паркот, непосредно пред да биде совладан и уапсен. Снимката може да биде вознемирувачка за дел од читателите.

Две деца на возраст од 22 месеци и 3 години и еден возрасен се здобиле со повреди опасни по животот.

Осомничениот е Сириец во раните 30-ти, кој добил статус на бегалец во Шведска во април и претходно аплицирал за азил во Франција во ноември 2022 година, рече премиерката Елизабет Борн на прес-конференцијата на местото на нападот во Анси, град на 30 километри јужно од швајцарскиот град Женева. Напаѓачот, за кого се појавија неофицијални информации и дека имал проблеми со менталното здравје, е уапсен на местото на грозоморниот напад.

Се чини дека напаѓачот немал „терористички мотив“, им изјави на новинарите локалната државна обвинителка Лин Боне-Матис.

„Тој нема криминално досие, не ѝ е познат на ниту една разузнавачка служба, нема психијатриска историја. Напаѓачот го носел „единственото оружје што го поседува, ножот“. Значи, истрагата е во тек“, рече обвинителката.

Две од децата биле со семејства на туристи, а едно од нив е од Британија. Едно возрасно лице исто така се здобило со рани од нож, а уште еден возрасен човек бил избоден, по што и го погодил куршум испукан од полицајците при апсењето“, рече Боне-Матис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.