(ВИДЕО) Опозицијата слави, Ѓукановиќ води само со два мандати

Изборите во Црна Гора завршија, а првата проекција на резултатите ја објави СЕМИ.

Врз основа на 76,4 проценти од обработените резултати, СЕМИ објави дека ДПС Решително за Црна Гора на Мило Ѓукановиќ освои 34,6% или 29 места, опозициската Коалиција за иднината на Црна Гора – 33,1 процент, или 27 места.

Избирачките места беа отворени во 7 часот, а затворени во 20 часот. На изборите учествуваа единаесет партии и коалиции, а право на глас имаа 540.026 граѓани.

Опозицијата веќе почна да слави во Будва и Беране, а кандидатот за градоначалник на Будва, Марко Бато Царевиќ, на Твитер објави снимка од славењето.

Во Беране, едно од малобројните места во кои ДПС не е на власт, се забележува славје на улиците. Насобраните палат факели и пеат „Мило крадецу“.

Славење е снимено и во Зета, каде што се слушаат сирени од автомобили и скандирање „Мило крадецу“.

Лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ, вечерва соопшти дека „режимот падна“ и ги повика луѓето да останат во своите домови.

Во сите градови во Црна Гора, нешто по 18 часот, припадници на полицијата, според извори на Нова.рс, тргнале на обиколка на угостителските објекти и ги советувале сопствениците да ги затворат објектите, за да можат гостите да си одат дома, а улиците што е можно побрзо да се испразнат.

Во текот на денот, претставници на властите во Црна Гора, но и сите од опозициските партии, апелираа до граѓаните вечерва да останат во своите домови, да не излегуваат на улица и без оглед на конечните резултати од изборите, да ја прослават победата на својот кандидат дома, а не на улица, за да не предизвикаат судир и немири.