(ВИДЕО) Откриена тинејџерката која го сними убиството на Џорџ Флојд

Убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд е вест која се прошири низ целиот свет. Со огромна брзина беше споделена и снимката на која се гледа како полицаецот Дерик Шовин е клекнат на неговиот врат, а малку е познато дека таа снимка била направена од тинејџерка.

Дарнела Фрејзер (17) била на прошетка со својата деветгодишна роднина кога застанала пред киоск за брза храна во Минеаполис, а потоа видела како четири полицајци извлекуваат Афроамериканец од автомобилот.

– Таа немала претстава дека ќе биде сведок и ќе документира еден важен настан во американската историја, полициско убиство. Да не била нејзината храброст, присебност и волја да го постави видеото на Фејсбук, сите четири полицајци и понатаму би биле на улица и веројатно би тероризирале други членови на нашата заедница, рекол нејзиниот правен претставник Сет Кобин.

Дарнела не ни помислила дека снимката која ја направила ќе го обиколи светот и ќе предизвика протести насекаде. Кобин наведува дека таа не сакала да биде херој, туку дека таа е тинејџерка, ученичка која ја направила правилната работа.

– Таа е Роза Паркс на својата генерација, рекол тој.

Дарнела од кога била објавена снимката само еднаш зборела пред јавноста. Тогаш рекла дека светот мора да го види тоа што го видела таа, и дека такви работи се случуваат премногу често.