(ВИДЕО) Отворена најголемата турска џамија

Грандиозната џамија со шест минариња којашто може да прими повеќе од 60.000 верници ги отвори вратите во четвртокот во турскиот мегалополис Истанбул по речиси шест години градење.

Мноштво граѓани, покрај функционерите на владејачката Партија на првадата и развојот (AKP) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, присуствувале на утринската молитва.

„Ова е големо уметничко дело. Би сакал да му се заблагодарам на нашиот претседател што овозможи ваков проект во Истанбул“, рекол Билали Јилдерим поранешниот премиер и спикер на турскиот парламент, сега кандидат за градоначланик на Истанбул.

Џамијата се наоѓа на источниот, азискиот брег на Истанбул, а е именувана како Џамлича, според ридот на кој се наоѓа. Џамијата се смета за омилен проект на конзервативниот претседател Ердоган. Според организацијата којашто ја градеше, џамијата има обележја на османската култура и е најголемата во Турција.

„Има капацитет од 63.000 верници. Од дополнителните содржини има коференциска сала, библиотека, музеј и паркинг за 3.500 возила“, изјави за германската новинска агенција DPA, челникот на организацијата на донаторите, Ергин Кулунк. Официјалното отворање е планирано за подоцнежен датум, кога ќе присуствува и претседателот Ердоган, додал Кулунк.

Интересно е што сите шест минариња се високи по 107,1 метар во сеќавање на битката кај Маникерт од 1071 година меѓу турските Селџуци и Византиското царство.

„Тоа е одличен проект. Тоа е новиот духовен штит на Истанбул“, изјави Ердоган минатата година во мај, по повод одбележувањето на турското освојување на некогашен Константинопол во 1453 година.

За некои аналитичари овој потег на Ердоган ја нагласува неговата мисија да ја употреби муслиманската инфраструктура за преобразување на турските урбани средишта и на политичката клима. Слично како и неговите колеги државници кои го користат градењето џамии за „зајакнување на националната и верска гордост“, вели Булент Батуману од Универзитетот Билкент во Анкара.

„Во атавизмот на отоманската историја на којашто се горди многу Турци, Ердоган би можел да стане најуспешниот турски водач кој ја препозна таквата агенда“, додава Батуману.

„Тоа ремек дело. Му благодариме на нашиот претседатл. Господ да го чува“, порачува во репортажата на агенцијата повозрасна госпоѓа која се претставила како Емина, додека се бавно се качувала по басамиците кои водат до џамијата.