ВИДЕО| Јовановски: Од Арсовска зависи дали в петок Скопје ќе биде пак блокирано

„Арсовска е маќеа на цело Скопје. Од градоначалничката Арсовска и од директорот на ЈСП зависи дали приватните превозници в петок ќе го блокираат цело Скопје поради неисплатениот долг, вели во интервју за „Макфакс“, Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“, објаснувајќи ја ситуацијата со блокадата и хаосот во главниот град.

„Ако таа не чувствува одговорност за ова што ќе му се случи на Скопје и дека работите може да ескалираат во уште порадикален правец, а нејзе да ѝ е сеедно, тогаш јас не можам да направам ништо. Ако градоначалничката сака да се однесува уличарски, како нешто да прави во сопствениот двор, а не во Скопје, тогаш нека си ја преземе одговорноста за она што ќе се случува понатаму“, потенцира Јовановски.

Тој објасни дека приватните превозници направиле сè за да не дојде до ситуацијата во која се наоѓа градот со јавниот превоз и дека претходно добивале одредени ветувања од надлежните дека ситуацијата ќе се подобри.

-Бевме соочени со ветувања дека состојбата ќе се надмине и дека треба да почекаме некаков ребаланс на буџетот, вели Јовановски, но тоа што било договорено не се почитуваше и придонесе за зголемување на нервозата, но и за долгот кај приватните превозници.

„Долгот не беше ни приближно толку голем како што е сега. Каде оди дрскоста и лажењето на Арсовска“, прашува Јовановски.

Во интервјуто тој зборува за тоа, дали тој и приватните превозници се заложници на политиката и се користат во битката против Арсовска, дали постои можност од манипулации со продажбата на билетите во приватните автобуси, каква е состојбата со возниот парк кај приватните превозници и кога тој ќе се обнови и слично.