ВИДЕО: Јовевски тврдеше дека нема политичари вмешани во „Рекет“, а сега испадна дека има

Основниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, пред само околу месец и половина тврдеше дека нема политичари вмешани во случајот „Рекет“, за денеска да се обелодени во јавноста дека аферата се проширила на уште пет осомничени лица. Имено, на 21-ви август, годинава, на прес-конференција за случајот „Рекет“ првиот обвинител Јовевски изјави:

Сакам да истакнам, дека досега обезбедените докази потврдуваат дека се работи исклучиво за кривично правен настан и затоа случајот не треба да се политизира и да се поврзува со учество на лица од други држави. Нагласувам дека нема ниту една индиција дека незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари.

Денеска, пак, Основното јавно обвинителство, каде прв човек е Јовевски, соопшти дека обвинителството отворило нов случај поврзан со „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски, а во кој се осомничени пет лица од кои едно е функционер, а постапка се води и против едно правно лице.

Според сооштението до јавност на ОЈО, тие се гонат за кривични дела перење пари, измама и помагање.

Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт, се наведува во соопштението на Обвинителството, се вели во информацијата до јавноста на ОЈО.

Кратко по објавувањето на соопштението на Обвинителството, медиумите објавија дека функционерот осомничен во истрагата е пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски.