ВИДЕО| Палестинци обвинети за сквернавење на Јосифовиот гроб на Западниот брег

Група Палестинци во текот на викендот го вандализирала гробот на Јосиф, локација во палестинската енклава Западен брег (на реката Јордан), кое е истовремено свето место и за јудаистите, христијани и муслиманите, предизвикувајќи гнев кај изрелските функционери среде сѐ поголемите тензии во регионот.

Во видеото коешто го објави дневниот весник The Times of Israel, се гледа група од стотина мажи како го оштетуваат гробот на Јосиф, кој е една од клучните фигури во текстовите на сите три религии и директен потомок на Аврам. Израелските власти ветија дека брзо ќе ја поправат направената штета.

Гробницата се наоѓа на Западниот брег, и е под контрола на Палестинците и Израелците може да ја посетат само со специјална дозвола.

Инцидентот се случи седмица по почетокот на муслиманскиот свет месец Рамазан и непосредно пред еврејската Пасха. Истовремено тензиите во Израел растат, особено по неодманешната серија палестински напади во кои смртно настрадаа најмалку 14 Израелци, а во израелските рации загинаа 10 Палестинци меѓу кои и неколкумината напаѓачи.

„Нападот на светите места е напад врз срцето на народот. Палестинците кои го опустошија гробот на Јосиф сакаат да го посеат семето на уништувањето. Ова е сериозна штета, не само затоа што е сторена физички на гробот, туку станува збор и за напад врз длабоките чувства на еврејскиот народ“, се истакнува во твитот на израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид.

Премиерот Нафтали Бенет вети брза реакција и поправка на оштетувањата.

„Нема да игнорираме таков напад врз место коешто за нас е свето и тоа во пресрет на Пасха. Ќе дојдеме до сторителите. И, секако, како и секогаш ќе се погрижиме да го обновиме она што тие го уништија“, рече Бенет.