(ВИДЕО) Пендароски: Гоце Делчев е историска фигура, која ги надминува регионалните граници, зошто да не го слави и Бугарија

Гоце Делчев е историска фигура, која ги надминува регионалните граници, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски посочувајќи дека, поради тоа, не е спорно која било држава да ги слави и чествува ликот и делото на револуционерот.

„Тоа што нѐ двои треба да треба да нѐ обединува. Ако тие тврдат дека тој бил Бугарин, кој се борел за бугарската кауза, не е спорно да го слават како битен историски лик“, изјави Пендаровски, како одговор на новинарско прашање, по завршувањето на денешната седница на Советот за безбедност.

Претседателот посочи случај кога „голем македонски националист“ положил цвеќе веднаш по подигањето на споменикот на Скендер бег во Скопје, со објаснување „па тој е наш“.

„Дали за сите историски ликови треба да се расправаме чии се и за кого и за што дејствувале. Дали треба да спориме, на пример, дали Мајка Тереза била Албанка или Македонка или скопјанка…“, изјави Пендаровски.

Во однос на писмата што тој и премиерот Зоран Заев ги испратија до патријахот Вартоломеј за признавање на автокефалноста на МПЦ, Пендаровски оцени дека не станува збор за мешање на световната во црковната власт.

„Македонската православна црква и тогаш кога не сме имале држава била во заштита на македонскиот идентитет. Зошто сега кога гледаме дека македонскиот идентитет е утврден и заштитен да не се заложиме за решавање и на црковното прашање “, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, на која централна тема била безбедносно-политичката ситуација во земјава.

Со слични позиции како и Пендаровски во однос на релациите со Бугарија и писмата до Вартоломеј денес претпладне настапи и премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со новиот амбасадор на ЕУ во земјава Дејвид Гир.