(ВИДЕО) Пендаровски со остри критики за Закаријаш: Таа ги поткопа сите напори

Претседателот Стево Пендаровски кој е во официјална посета на Хрватска денеска упати остри критики на адреса на португалската министерка по нејзината скандалозна изјава дека „северномакедонскиот јазик“ некогаш бил бугарски.

– Искрено жалам поради длабоко погрешните изјави кои ги поткопаа сите напори и одличниот и балансиран предлог со кој претходно излезе португалскиот министер за надворешни работи Да Силва. Од историчари кои се занимаваат со политика, полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи – рече Пендаровски.

Добра вест е што претседателство на Португалија со ЕУ заврши, додаде Пендаровски.

– Словенија е еден од најдобрите адвокати за проширување на ЕУ и одлично го познава Западниот Балкан. За Република Словенија немојте да имате никакви дилеми. Словенија не е Протугалија. Словенија е еден од најдобрите адвокати за влезот на целиот Западен Балкан во ЕУ. Словенија има искуство со регионот. Словенија најдобро го знае регионот. Се надевам дека словенечкото претседателство ќе продолжи долж истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни, инаку не може да се дојде до договор – рече Пендаровски.

Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ оспорувањето на идентитетот и јазикот не само на народот на соседна земја, туку и на други држави, го нарече погрешно и неморално. Додека, за изјавата на португалската државна секретарка рече дека на пример, тој никогаш не би ги коментирал територијалните спорови меѓу Шпанија и Португалија.

– Да повлечам аналогија, кога се работи за идентитетот и правото на сопствен идентитет. Што би се случило кога Хрватска би го довела во прашање црногорскиот, бошњачкиот идентитет и јазик? Босна и Херцеговина е наша соседна држава, мнозински народ до вчера беа босански муслимани или само муслимани. Пред 20 години го прифативме новото име на идентитетот, бидејќи тешко е да натераш некого да се нарекува со одредено име и јазикот да го нарекува со одредено име, во случајов за бошњачкиот. Тоа е погрешно и неморално. Исто и за црногорскиот јазик и идентитет – рече Милановиќ на заедничката прес-конференција во Загреб со македонскиот претседател.

Шефот на хрватската држава рече дека изјавата Ана Паула Закаријаш ја дала од незнаење и додаде:

-Јас никогаш не ги коментирам територијалните спорови што ги имала Португалија со Шпанија во минатото.