(ВИДЕО) По 12 години Бразил е шампион на Јужна Америка

Бразил го освои Копа Америка прв пат по 2007 година и по осми пат е контитентален владетел. Во финалето на „Маракана“ со многу проблеми го совлада жилавиот Перу со 3-1 (2-1), а актер број еден и во добро и во лошо беше Габриел Хесус.

Перуанците подобро почнаа, Куева се обиде од далечина, а и Тапија имаше можност да го фати на спиење Алисон, но шутираше преку голот. Кога Бразил прв се закани, дојде до предност. Во 15-тата минута Габриел Хесус мина по десната страна, со минијатура се ослободи од чуварите и нафрли на втора статива, Евертон од волеј ја погоди мрежата на Гаљезе (1-0).

Перуанците беа во шок, а Кутињо тоа можеше да го казни, но неговиот удар заврши крај дирекот. Кога се чинеше дека првиот дел ќе заврши со водство на Бразил, Тијаго Силва играше со рака во својот казнен простор при лизгачки старт, па главниот судија покажа на белата точка. Гереро го измами Алисон и израмни на 1-1. Овој гол е прв примен гол на Бразил на Копа Америка и прекин на несовладливоста на Алисон Бекер.

Вториот дел започна со послаб интензитет, Перу воспостави рамнотежа, почесто ја имаше топката в нозе, но зрели шанси не креираше. Во 70. минута грубата игра кулминираше со втор жолт картон на најдобриот поединец во финалето, Габриел Хесус и Бразил мораше половина полувреме да игра со човек помалку.

Во 74. минута Бразил имаше многу среќа, откако ударот на Флорес заврши за малку крај дирекот. Тите ги повлече Фирмино и Кутињо и ги внесе Ричарлисон и Милитао во последните 15 минути. Перу имаше јалова иницијатива во обид вторпат да израмни, но наместо тоа примија и трет гол. Адвинкула беше преагрисен во казнениот простор по соло-акцијата на Евертон и чилеанскиот судија Варгас покажа на белата точка. Ричарлисон го матира Гаљезе за 3-1 за„кариоките“ и петта најзначајна победа на турнирот.

Наредната Копа Америка следната година ќе се одржи во Аргтентина и Колумбија.