(ВИДЕО) Поради расистички навреди, УЕФА ги испрати дома романските судии, позната комуникацијата

Тоа што требаше да претставува фер и спортска фудбалска разврска на групата Х во Лигата на шампионите, на крајот се претвори во расистички скандал од огромни размери, бидејќи четвртиот судија на мечот меѓу ПСЖ и Истанбул Башакшехир предизвика инцидент со својот испад.

Судијата Себастијан Колтеску го употреби зборот „негро“ додека на главниот судија Хатеган му објаснуваше дека треба да го исклучи Пјер Вебо, помошник на тренерот на турскиот тим кој претходно влегол во вербален дуел со арбитарот. Овој збор има расистичка основа во светски рамки, но судијата Колтеску всушност се обидуваше да се оправда и да се одбрани од сериозните напади, такашто објаснува дека во романскиот јазик, зборот „негро“ се употребува за лице кое има црна боја на кожата.

Бидејќи натпреварот беше прекинат, а подоцна и суспендиран, УЕФА најави дека ќе има темелна истрага на овој немил инцидент, кој направи натпреварот меѓу ПСЖ и Истанбул да се доигра денеска во 18:55 часот.

Во меѓувреме, светските медиуми се занимаваат со сето она што се случи на теренот, а угледната телевизија Мовистар понуди целосна рекапитулација за она што го кажаа сите актери на теренот во моментите на чисто лудило.

Себастијан Колтеску (четвртиот судија): Погледни го негрото (човекот со црна боја на кожата), види кој е, не може да се однесува на тој начин.

Пјер Вебо: Зошто ме нарекуваш негро, зошто кажа негро, зошто велиш негро….

Себастијан Колтеску: Меѓу нас зборуваме на романски.

Демба Ба: Кога му се обраќаш на белец, му се обраќаш како на бела личност?

Килијан Мбапе: Ако четвртиот судија го кажал тоа, мора да излезе надвор.

Бурук (тренерот на Башакшехир): Тој не кажа ништо. Твојот асистент го нарече негро и ти му покажа црвен картон.

Себастијан Колтеску: Во Романија, негро се однесува на бојата на кожата, црн играч. Меѓу нас си зборуваме на романски.

Хатеган (главниот судија му објаснува на Леонардо): Сега имаме десет минути, го прекинуваме мечот и одиме во соблекувалните. Ова е специјален случај. Потоа ќе продолжиме ако тие сакаат.