(ВИДЕО) Повеќето во камионот на смртта биле Виетнамци со кинески пасоши

Британската полиција испитува четврица осомничени за убиството на 39 лица, чии тела беа најдени во камион-ладилник во Есекс.

Повеќе семејства од Виетнам стравуваат дека телата на нивните најблиски се наоѓаат меѓу 39-те жртви кои се пронајдени во камион во близина на Лондон оваа недела, додека виетнамски католички свештеник тврди дека повеќето од нив се Виетнамци.

Нгуен Дин Гиа, татко на 20-годишниот Виетнамец  Нгујен Дин Луонг, во саботата за АФП изјави дека добил повик пред неколку дена, каде му кажале дека неговиот син починал обидувајќи се да влезе во Велика Британија.

Анонимен маж, кој зборувал на виетнамски му рекол: „Жал ми е, се случи нешто неочекувано“.

„Се чини дека мојот син беше во тој камион, сите тие се мртви“, изјави таткото.

Најпрво британската полиција објави дека жртвите биле Кинези, но се појавиле сомнежи и портпарол изјави во петокот дека ситуацијата се менува како што напредува процесот на идентификација.

„Можеби има виетнамски државјани меѓу жртвите“, рече еден извор од безбедносните служби на Виетнам.

Едно друго семејство од централен Виетнам стравува дека нивната ќерка е меѓу жртвите.

Фам Ти Тра, 26-годишна Виетнамка, испрати порака до нејзината мајка во која напишала дека „не може да дише“ и дека „умира“, раскажа нејзиниот брат.

Виетнамски католички свештеник од многу сиромашен регион во земјата, изјави за Ројтерс дека повеќето од 39 лица пронајдени мртви во камион во близина на Лондон, веројатно биле од Виетнам.

Ентони Данг Ху Нам од градот Јен Тан во провинцијата Нге Ан, на околу 300 километри оддалеченост од главниот град Ханој, рече дека е во контакт со семејствата на жртвите.

„Целата област е во тага“, рече Нам. „Јас сè уште собирам контакти од сите семејства на жртвите и ќе одржиме молитва за нив вечерва. Тоа е катастрофа за нашата заедница“.

Нам рече дека неговото семејство му кажало дека тие знаат дека нивните роднини отпатувале во Велика Британија за време на трагедијата и сега не можат да ги добијат на телефон.

Кинеските и виетнамските власти сега тесно соработуваат со британската полиција, соопштија нивните амбасади.

Виетнамското Министерство за надворешни работи денеска во соопштението објави дека издала налог на амбасадата во Лондон да и помогне на британската полиција во идентификувањето на жртвите.

Покраината Нге е една од најсиромашните Виетнам, дом на многу жртви на трговија со луѓе кои завршуваат во Европа, соопшти американската фондација за борба против трговија со луѓе, Пацифик линк.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.