(ВИДЕО) Повторно одложен реваншот од финалето на Копа Либертадорес

Возвратниот натпревар од финалето на финалето на најелитното јужноамериканско клупско фудбалско натпреварување Копа Либертадорес, кое се игра меѓу најлутите аргентински ривали Ривер Плејт и Бока Јуниорс нема да се игра ниту во неделата, а новиот термин ќе биде објавен дополнително, потврдија попладнето челниците на Јужноамериканската фудбалска федерација (CONMEBOL).

Претседателот на CONMEBOL, Алехандро Домингез, порача дека не постојат еднакви услови за двете екипи и дека водството на федерацијата наскоро ќе одреди нов термин за одигрување на натпреварот.

„Не сакаме да постои каков и да е изговор дека условите не биле подеднакви за двете екипи. Сакаме двете екипи да имаат време за закрепнување“, порача Домингез.

Ривер и Бока реваншот од финалето на латиноамериканскиот пандан на европската Лига на шампионите требаа да играа вечерта во саботата, но натпреварот беше одложен за неделата поради нападот врз автобусот со играчите на Бока, при што двајца фудбалери се сериозно повредени.

Инцидентот се одигра во близина на стадионот „Монументал“ на кој е домаќин Ривер Плејт, а полицијата со солзавец ги растера хулиганите. По нападот врз автобусот, навивачите на Ривер ги блокираа и приодите кон стадионот за возилата на итната медицинска помош да не можат да им пружат помош на играчите на Бока. Најтешко мина Пабло Перез кому дел од стаклото му се забил во окото, и е испратен на итни прегледи. За среќа, не станува збор за потешка повреда. Според извештаите уште неколку играчи на Бока се здобиле со расекотини од стакло, а неколку доживеале и труење со солавец.

По нападот беше објавено дека почетокот на мечот е одложен за еден час, а потоа за уште еден час. Водствата на CONMEBOL и на светската фудбалска асоцијација FIFA бараа натпреварот да се одигра, но играчите на Бока Јуниорс не сакаа да попуштат. На крајот дуелот беше одложен за недела, но денеска е повторно одложен на неодредено.

Првата пресметка на „Бонбониера“ пред две седмици заврши со резултат 2:2, а и тој дуел се одигра ден подоцна од предвиденото, но тогаш поради големото невреме што ја зафати аргентинската престолнина Буенос Аирес.

Аргентинското „Суперкласико“ се вбројува меѓу најголемите градски дерби во фудбалот на планетата, а Бока и Ривер досега одиграле 249 натпревари, но пред две седмици првпат меѓусебно се сретнаа во финалето на најпрестижното латиноамериканско натпреварување.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.