ВИДЕО| Пожарникари во Словенија опколени од оган, ги спасил канадер во последен момент

На видеото кое го пренесуваат регионалните медиуми се гледа како пожарникарите го гаснат огнот во Словенија, тие од двете страни на патот биле опкружени во густ чад. Одеднаш над нив здогледале канадер кој исфрлил голема количина вода.

„Сега не спаси“, кажал авторот на видеото, додека во позадина се слушале извици на возбуда.

Автор на видеото е Клемен Горуп, пожарникар од „ПГД Хрватини“, кој ги опишал околностите во кои е направено видеото за „N1“.

„Пожарот почна да се шири кон Трстеље, бевме распоредени на патот кон ловниот дом со цел да го заштитиме домот од пожар. Таму имаше околу 15 тенкови подготвени да се повлечат во случај да се случи она што за жал се случи. Кога пожарот се приближи до патот, почнавме да го гасиме. Успеавме некое време, но потоа ветрот се засили и огнот многу брзо се приближи од долната страна на патот. Така не опкружи, имавме оган горе-долу. Не можевме ни да се повлечеме, бевме отсечени на тој пат, во чадот, околу два часа. Се обидовме да се справиме со тоа. Канадерот дојде непланирано. Мислам дека ја вклучи водата кога не виде и ја виде ситуацијата“, изјавил Горуп.

„Најголем проблем беше чадот. Очите гореа, беше невозможно да се дише. Си помагавме со апарати за дишење и физиолошки раствор за миење на очите. Работата ја отежна и многу високата температура. Се грижевме еден за друг“, рекол тој.

Според него, пожарот на Карстот, со кој пожарникарите се борат повеќе од една недела, е многу голем и затоа што на ова подрачје има многу неексплодирани убојни средства од Првата светска војна.

„Се случи куршуми да почнат да пукаат на два метри од нас, десет метри оддалечена мина експлодираше“, опишал тој.

Дополнителни проблеми создава ветерот што го прави пожарот непредвидлив.

Соговорникот на „N1“ Словенија, според написите, пред извесно време учествувал во интервенцијата во Македонија, каде 14 дена се гасеше голем и тежок пожар.

„Овде е уште полошо, не се гледа крајот“, додал тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.