(ВИДЕО) Преговорите може да завршат на два начина, вели Каракачанов по разговорот со Заев

Преговорите може да завршат на два начина, односно или добро да завршат и за Бугарија и за Македонија или Македонија да почека за преговори на неодредено време. Ова попладнево го изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, за време на свеченоста при отворањето на спомен плоча посветена на Гоце Делчев во бугарскиот град Самоков.

Тој откри дека Бугарија денеска ги потврдила своите досегашни позиции и дека немаат намера да отстапуваат од нив, зошто се „суверена држава со достоинство и суверена политика“. Според него по разговорите со македонската страна се покажало дека „Бугарија не води политика на инает, туку принципиелна политика“.

-Иако има само неколку дена до крајот на процесот, до петок, тие имаат можност да корегираат сè што во меѓувреме пропуштиле oд договорот, па да видиме дали тоа ќе е доволно за почеток на преговори. Разговорот со македонската страна беше долг, започна во 10 часот изутрина и буквално заврши во десет минути до 17 часот, односно малку пред да тргнам за Самоков. Долго разговаравме во една навистина добра атмосфера, имавме пријателски разговор, без потреба од преведувачи, па мислам дека не разбраа. Отсега во нивни раце е да ја прилагодат нивната политика, бидејќи никогаш не е доцна, подобро доцна отколку никогаш, дополни бугарскиот министер.

Додаде и дека на свеченоста го поканил да присуствува и македонскиот премиер, но „тие не можел да дојде зошто “брзаа да се вратат во Скопје и да почнат да работат по сите предлози кои ги понудивме на заедничките средби“.